Поголемиот дел од српските граѓани веруваат дека здравствената криза предизвикана од коронавирусот ќе има сериозни економски последици, додека третина од граѓаните не веруваат или имаат сериозни сомневања во постоењето на коронавирус, покажува истражувањето на јавното мислење на Белградскиот центар за безбедносна политика (БЦСП).

Како што јави дописникот на МИА од Белград, истражувањето, спроведено во текот на октомври 2020 година, покажа дека една третина од анкетираните граѓани сметаат дека пандемијата е придружена со пад на нивото на демократија во Србија, а од тој број, 29,3 отсто од испитаниците сметаат дека демократијата еродирала.

Приближно ист процент смета дека одлуките на надлежните институции ја загрозиле демократијата, а скоро една четвртина смета дека целата власт е во рацете на еден човек.

-Граѓаните изразија најголема доверба во здравствениот систем, додека довербата во претседателот на државата (Александар Вучиќ), како и во Кризниот штаб за заштита на здравјето на населението од заразната болест КОВИД-19, е скоро поделена, се вели во соопштението на БКСП.

Скоро 70 отсто од граѓаните веруваат дека Кина обезбедила најголема финансиска и хуманитарна помош за време на пандемијата. Иако сè уште не е познато колкава е кинеската помош, се проценува дека Европската унија е таа што најмногу и помогнала на Србија во борбата против коронавирусот.

-Кина е убедливо на прво место во очите на граѓаните, што е резултат на обемната пропаганда спроведена од владата за време на пандемијата, се вели во соопштението.

Како што се наведува, ваквите поделби се последица на лошото информирање на граѓаните за текот и последиците од пандемијата и честите контрадикторни пораки од Кризниот штаб и властите.

Како што покажа истражувањето, ова е еден од најголемите проблеми во раководењето со пандемијата.

-Повеќето од анкетираните граѓани сметаат дека за подобро управување со пандемијата се потребни подобри информации, построги казни за непочитување на мерките и подобра организација, соопштија од БЦСП.