Емотивно и низ солзи, актуелната директорка на Онкологија сведочеше за очајната состојба во која е клиниката со која раководи. Виолета Клисаровска пред Анкетната комисија во Собранието со бројки и факти одговараше дека има ограниени ресурси а неограничен број на пациенти, објави ТВ Сител. Но доби и прашање дали ќе понесе одговорност ако скандалот не завршил само со предистрага на Обвинителството туку се уште го има низ онколошките амбуланти.

-Дали морално ќе одговарате ако и во Ваше време некој пациент не ја примил терапијата или и понатаму продолжува продажбата на биолошка и друга терапија, праша Зоран Коцевски – ВМРО-ДПМНЕ

-Не само во овој дел, воопштено недостатоците на лекови, целата таа ситуација на клиниката ме става и како човек, и како лекар и како медицински директор под голема морална одговорност. Сум помислувала јасно и гласно тоа да го изразам, но со оглед на истрагата не е пожелно во овој момент. Доколку се утврди вина истрагата кога ќе заврши, ве замолувам повторно да ми го поставите ова прашање, вели Виолета Клисаровска, директор на Клиника за Онкологија.

Десет години немало стручен колегиум и Клисаровска го возобновила уште истиот ден кога седбала во директорската фотелја. Формирала и онколошки колегиум кој споре нејзиното сведочење има улога да ги разгледува сите пациенти кои се за биолошка терапија. Но дали е тоа така и во пракса?

-Онколошкиот конзилиум ви е дисфункционален, нема вкупен број на потписи а се препишува биолошка терапија и на тој начин се агрегира дополнителна реална под наводници потреба на вашата Клиника, праша Рашела Мизрахи, претседател на Анкетна комисија за скандалот на Онкологија

-Подетално ќе се информирам и секако нема да дозволам и да остане така нешто што сум го формирала со една квалитетна идеја, не би смеела да дозволам да стане дисфункционално и ветувам ќе се обрне повеќе внимание, вели Клисаровска.

А дека евентуални грозоморни криминали се уште има, тврди и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кои добиле информации од свиркачи.

-Ако тоа се потврди за точно тогаш навистина можам да кажам дека имаме работа со монструми, а не со луѓе кои и покрај ова што се случува и покрај епскиот скандал тие повторно продолжуваат со злоупотреби кои имаат нечовечки размери и ние планираме со ова да излеземе во јавност доколку ова што го достави свиркачот се потврди како точно и имаме намера на обвинителството да му отвориме сериозна работа бидејќи гледаме дека истрагата во МВР се калкулира, се препелкаат тогаш имаме ние намера, ние да ја преземеме работата во свои раце и да одиме до крај“, изјави Христијан  Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Директорката на Онкологија кажа дека за агонијата во која работата ги информирале сите надлежни институции и очекуваат не кампањски, туку системски решенија.