Цените на гасот во Европа денеска го достигнаа највисокото ниво за 3,5 години, во екот на летната сезона на полнење на складиштата во ЕУ за претстојната зимска сезона на греење и ескалацијата на конфликтот на Блиски Исток.

На берзата во Холандија (ТТФ) мегават-час гас за испорака во август кратко време се тргуваше за 63,94 евра, што е за 2,2 отсто повеќе од вчера. Околу пладне цената се стабилизира на 62,09 евра што е највисоко ниво од јануари 2023 година.

Агенцијата на ЕУ за соработка на регулаторите за енергија (АЦЕР) претходно соопшти дека темпото на полнење на складиштата за гас во ЕУ годинава е под десетгодишниот европски просек.

ЕУ околу една третина од потребите за природен гас ги набавува од Норвешка. Снабдувањето со природен гас од Катар е блокирано поради војната меѓу САД и Иран и блокадата на Ормуска Теснина. Во меѓувреме, ЕУ го суспендираше увозот на руски гас преку гасоводите и планира да ги запре испораките на течен природен гас.

ЕУ го усогласи новиот 21. пакет-санкции против Русија поради војната во Украина

Европската Унија се согласи за својот 21. пакет-санкции против Русија откако Москва ја почна својата целосна инвазија на Украина во 2022 година, јави ДПА.

Амбасадорите на ЕУ утрово ги поддржаа новите мерки што сè уште бараат формално одобрување од 27-те земји членки на блокот, изјави дипломат на ЕУ.

Пакетот е насочен кон финансискиот и енергетскиот сектор на Русија, појаснува германската агенција.

Според новите мерки, автоматското приспособување на меѓународното ограничување на цените за извоз на руска нафта ќе биде суспендирано 12 месеци, изјави дипломатот, во обид да се ограничат приходите на Москва од фосилни горива.

Плафонот на цените на нафтата се однесува на руската нафта што се продава на земји што не се членки на ЕУ, како што се Индија, Кина и Турција.

Зголемувањето на глобалните цени на нафтата, поттикнати од војната во Иран и прекинот на превозот низ Ормуската Теснина, би барало зголемување на ограничувањето според сегашниот механизам недозволувајќи ѝ на Москва да заработи повеќе од извозот на нафта, појаснува ДПА.

фото: архива