Грипот во земјите од Балканот се уште не достигна фаза на пандемија, но во многу градови е прогласена епидемија.

Од компликации настанати како последица на грипот, како што објави Радио Слободна Европа, починаа неколку десетици луѓе, а најмногу во Босна и Херцеговина.

Сезоната на грип во БиХ е веќе во шестата недела, а досега според достапните податоци, регистрирани се 36 смртни случаи. Најголем број на заболени, како и смртни случаи има во ентитетот Република Српска (РС), каде од последици на грип починаа 35 пациенти. Во ентитетот Федерација БиХ, со податоци до 3 февруари, пријавен е еден сртен случај.

Иако станува збор за далеку поопасен вирус и поголем број на заболени, како и поголем број смртни случаи во однос на претходната сезона, надлежните велат дека нема потреба од прогласување на епидемија.

Од грип во Србија досега починаа 19 лица, а најзагрозени се децата до четири години. Од Епидемиолошкиот Институт за јавно здравје „Батут“ за РТВ Србија изјавија дека бројот на заболени и починати оваа сезона не отскокнува во однос на претходната, освен 2009 година, која била пандемијска.

Од почетокот на сезоната на грипот во Србија со симптоми на овој вирус кај лекар се обратиле 84.969 пациенти, соопшти овој Институт. А стручњаците велат дека толкав број на заболени е вообичаено за овој период од годината.

Кај заболените е потврден вирус на грип од типот А (H1N1 и H3N2), кои се најзастапени во Србија и регионот.

Од почетокот на епидемијата на грип во Црна Гора починале шест лица, а вкупниот број на лабораториски потврдени случаи на грип е 237 и сите се инфицирани со вирусот на грип од типот А. Во Црна Гора вакцина против грип досега примиле 8.000 граѓани.

Според извештајот на Институтот за јавно здравје во Македонија е регистриран среден праг на интензитет на активност на вирусот на грипот. Епидемиолозите велат дека бројот на заболени ќе биде во пораст во следните две недели, и дека тоа е вообичаено за овој период од годината.

Досега се регистрирани нешто повеќе од 1.250 заболени со клиничка слика на грипот.

– Тоа што ја карактеризира оваа сезона е фактот дека грипот почна релативно доцна, односно 4-5 недели подоцна од вообичаено, вели д-р Владимир Милиќ од ИЈЗ.

Минатава недела во Македонија се регистрирани два смртни случаи како последица од грип. Едно петгодишно девојче и 25-годишна девојка починале од компликации предизвикани од тн. свински грип.

Пред почетокот на сезоната на грипот во Македонија биле вакцинирани околу 40.000 граѓани, повеќе отколку минатата сезона, кога вакцина против грип примиле 28.000 лица.