Секој ден има нови случаи со морбили, 30 пациенти се лекуваат на Клиниката за инфективни болести од кои најголем број се деца, а вкупниот број случаи од почетокот на епидемијата досега е 150, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Појасни дека резултатите од опфатот со вакцинацијата од почетокот на епидемијата, досега, се одлични.

– Близу половина од невакцинираните деца се до Скопје, сега се вакцинирани и се надевам дека овој тренд ќе продолжи понатаму со што на некој начин како прво ќе го ограничиме ширењето на епидемијата, а и ќе влијаеме во иднина таа да не се случува, рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на панел дискусијата во рамки на одбележувањето на 4 февруари, Светски ден за борба против рак.

Во врска со тоа дали Клиниката за инфективни болести има капацитет поради големиот број случаи со морбили и со оглед на тоа дека пикот на грипот епидемиолозите го најавуваат овој месец, рече дека таму одвоиле две крила на едно одделение, каде се изолирани пациентите со морбили.

– Нема така голем број случаи со грип засега. Се надевам така и ќе остане. Нешто е помал процентот на случаи во однос на минатите години, меѓутоа Клиниката има капацитет, а доколку има потреба и во други институции, додаде Филипче.