Европратеникот Андреас Шидер предлага да се поканат еминентни странски историчари во заедничката комисија за да се излезе од ќорсокакот во кој се наоѓаат Македонија и Бугарија околу историските прашања, јави дописничката на МИА од Брисел.
-Имам сугестија за заедничката комисија доколку нејзината работа остане заглавена како сега, можеби треба да поканиме двајца или тројца еминентни историчари од ЕУ кои немаат инволвираност во регионот да помогнат да се стави прашањето во научна рамка, изјави Шидер на брифинг со новинари посветен на Македонија.
За Шидер е неприфатлива блокадата за почеток на преговори со Македонија од страна на Бугарија. Тој нагласи дека најчесто политичарите ги користат идентитетските прашања за да ги прикријат слабостите за поважните прашања како образованието или вработеноста.
-Блокирањето на почетокот на преговорите е контрапродуктивно затоа што пристапувањето е алатката за решавање на проблемите. На Балканот како и секаде во светот политичарите подготвуваат идентитетски теми кога немаат одговор за основни прашања како вработеност, образованието, животниот стандард, и се плашам дека е ова вистината и за оваа дебата исто така, изјави Шидер за новинарите утрово.
Известувачот за Македонија, Илхан Ќучук, исто така повика да се стави фокусот на соработката и позитивните случувања помеѓу Македонија и Бугарија, наместо да се градат ѕидови. Тој наведе неколку примери на позитивна соработка како таа помеѓу МИА и бугарската новинска агенција, соработката меѓу универзитети во двете земји и ги повика новинарите да бидат дел од позитивниот наратив.
На прашање зошто не помина амандманот кој го осудуваше провокативниот говор од бугарска страна во извештајот за Македонија, амандман во чија подготовка учествуваше и европратеникот Шидер, тој изјави дека се надевал дека тој ќе помине.
-Нашиот амандман беше тежок, затоа што се обидовме да ја критикуваме бугарската Влада, но не најдовме мнозинство, иако очекував. Но, сепак тоа ја обликуваше дебатата и тоа беше идејата на овој амандман, да има посилна критика од страна на Европскиот Парламент, не да се додава масло на огинот, рече европратеникот и додаде дека дебатите за историјата не помагаат за создавање заедничка иднина.
Ќучук порача дека иако довербата помеѓу Софија и Скопје е скршена сега треба да се врати фокусот на Договорот за пријателство и да се гради повторно изгубената доверба во име на идните генерации.
Шидер и Ќучук не се согласија за односот на ЕУ кон Македонија и Западниот Балкан. Додека известувачот за Македонија смета дека помошта за борба против Ковид-19 и разговорите за регионот се на високо ниво, Шидер оцени дека претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел се покажа “несмасен“ во неговата работа, алудирајќи меѓу другото на скандалот со протоколот во Анкара, но и како одговор на молкот од страна на Мишел за наводниот нон-пејпер на словенечкиот премиер, Јанез Јанша.
За потсетување Западниот Балкан не се нашол на дневен ред на Советот од декември, минатата година.
-Мислам дека тоа е поврзано затоа што никој не знае како да ја надмина оваа блокада и не сите влади се задоволни што има толку малку Западен Балкан на дневен ред, ние треба да вршиме притисок за ова, Европскиот Парламент е соодветното место за тоа, рече Шидер.
Тој ја критикуваше и Европската Комисија за премалата помош за вакцините во регионот исто така.
-Ситуацијата со Ковид-19 во С. Македонија е тешка и првата достава од Ковакс на АстраЗенека пристигна во април, процесот на вакцинација е многу бавен и ЕУ треба да сноси одговорност, ако Европа е искрена за иднината на Западниот Балкан требаше да нарачаме дози за регионот исто така, се срамам што не го сторивме ова и што Србија и Кина го пополнуваат овој стратешки јаз, изјави европратеникот Андреас Шидер.
На брифингот стана збор и за скандалот со фалсификуваните македонски пасоши користени од криминалци во регионот.
За европратеникот Ќучук ова претставува загрижувачки развој на настаните.
-Последните скандали длабоко загрижуваат во С. Македонија, тие не се наоѓаат во мојот извештај затоа што се случија отпосле, но затоа се потребни длабоки реформи во судството, законската рамка и владеењето на правото, изјави Ќучук.
За Шидер овој скандал е исто така знак дека борбата против корупцијата е неопходна.
-Но ова покажува и дека има активност околу борбата против корупцијата, изјави европратеникот и додаде дека не очекува овој скандал негативно да се одрази врз визниот режим за Северна Македонија со ЕУ, затоа што земјата покажа дека работите одат во добра насока.