Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини биле измамени од двајца руски шегаџии, Алексеј Столаров и Владимир Кузњецов, кои ги убедиле дека разговараат со премиерот на Ерменија Никол Пашинјан.

„Политико.еу“ повикувајќи се на „Евроњуз“, пишува дека еден од измамниците се преправал дека е Пашинјан набрзо откако вистинскиот Пашинјан во мај положил заклетва за премиер. Тие му рекле на Јункер да разговара со нив за одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да се повлече од иранскиот нуклеарен договор од 2015 година.
– Ова е за сите нас голема грижа, а за мене лично, затоа што навистина сметам  дека е голема грешка тоа што сношти го направи Трамп, рекол, наводно, Јункер тогаш.
Во разговорот за Трамп повторно станало збор кога „лажниот“ Пашинјан рекол дека САД вршат притисок врз Ерменија.

– Ние мораме одново и одново да му го објаснуваме светот на господин Трамп, тој не разбира за што се работи. Ќе се погрижиме подобро да ја разбере ситуацијата во Ерменија, рекол, наводно, Јункер, кој, како што кажале, го опишал рускиот претседател Владимир Путин како „личен пријател “.

Столаров и Кузњецов за „Евроњуз“ рекле дека  разговарале со Федерика Могерини, која ги коментирала нивните тврдења дека Ерменија трпи притисок од Турција и Азербејџан, како и од Русија.

– Вие не живеете во едноставно опкружување, но, сигурно можете да сметате на нас како пријатели на кои можете да се потпрете. Вистина е, тоа е регион полн со предизвици и се соочувате со различни видови притисоци и предизвици, но сигурна сум дека постои начин да се смират тензиите и да се направи обид да најде кооперативен пристап, рекла, наводно, Могерини.

Меѓу „жртвите“ на овие шегобијци, се нашле многу лица, меѓу кои пејачот Елтон Џон, кој мислел дека разговара со Путин, како и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кого го измамиле дека разговара со украинскиот претседател Петро Порошенко.
Тие во мај рекле дека по телефон разговарале со тогашниот британски министер за надворешни работи Борис Џонсон, кога еден од нив, исто така, се преправал дека е Пашинјан.