Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека бројот на смртни случаи во Европа се зголемил за 5 отсто минатата недела и дека Европа е единствениот регион во светот со зголемување на смртните случаи од ковид-19, пренесува скопскиот Слободен печат.

СЗО додаде дека бројот на потврдени случаи на инфекција е зголемен за 6% на глобално ниво. Од 3,3 милиони нови случаи – 2,1 милиони се регистрирани во Европа. Ова е седма недела по ред како расте бројот на нови случаи на инфекција со Ковид во 61 земја во европскиот регион, кој се протега од Русија до Централна Азија.

СЗО вчера соопшти дека бројот на смртни случаи од коронавирусот е стабилен или опаѓа насекаде во светот, освен во Европа. Тие додадоа дека бројот на нови инфекции во Африка, Блискиот Исток и Југоисточна Азија опаѓа од јули, пишува АП.

Во Европа, најголем број нови случаи се забележани во Русија, Германија и Велика Британија. СЗО забележува дека смртноста од Ковид е зголемена за 67 отсто во Норвешка и за 38 отсто во Словачка.