Европската комисија и одобри на Германија докапитализација на Унипер во износ од 34,5 милијарди евра, при што државниот сопственички удел во компанијата за трговија со гас ќе биде предмет на продажба во иднина.

Планот е во согласност со правилата на ЕУ за државна помош во однос на неопходноста, соодветноста и обемот на интервенцијата, соопшти Комисијата.

– Целта на оваа мерка е да се врати финансиската состојба и ликвидноста на Унипер во исклучителната ситуација предизвикана од руската агресивна војна против Украина и последователно прекинот на испораката на гас, со спроведување на неопходните мерки за ограничување на нарушувањето на конкуренцијата, се наведува во соопштението.

Докапитализацијата подразбира итно зголемување на паричниот капитал од 8,0 милијарди евра, што ќе биде запишан по цена од 1,70 евра по акција, се додава.

На Германија и беше одобрена и капитална инјекција до 26,5 милијарди евра, која Берлин има намера да ја плати етапно до 2024 година, а првата транша од 5,54 милијарди беше објавена во средата.

Акциите на Унипер по објавата поскапеа за 2,6 отсто.

Комисијата соопшти дека Германија се обврзала да подготви кредибилна стратегија за излез до крајот на 2023 година, со цел да го намали својот удел во Унипер на не повеќе од 25 отсто плус една акција најдоцна до крајот на 2028 година.

Сè додека не се заврши оваа стратегија за излез, компензацијата на членовите на раководството на Унипер ќе биде предмет на строги ограничувања, вклучително и забрана за исплата на бонуси.