Случајот со Славјанка Петровска е доказ дека Венко Филипче зборува за корупција и е против единствено кога тоа му оди во прилог нему, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, кое МИА го пренесува интегрално.
Венко Филипче го отвори случајот во јавноста дури во моментот кога Петровска стана дел од Платформата „12.05“ и почна јавно да бара промени во СДС, што е доказ за двојните стандарди на Филипче.
Платформата „12.05“ јавно побара Филипче да се повлече од лидерската позиција, а Филипче потоа директно ја прозва Петровска во врска со наводите околу набавката на хеликоптери и договор за кој, според Филипче, постоела разлика од дури 37 милиони евра.
Филипче постојано зборува за Европската Унија, европските вредности, владеењето на правото и борбата против корупцијата како услов за европскиот пат на Македонија, а самиот води селективна борба против корупцијата и криминалот.
Филипче да каже од кога знаел за случајот и зошто молчел? И зошто токму сега, кога Петровска стана негов политички критичар, Филипче го обелоденува случајот?
Како за овој случај така и за останатите, доколку има сомнеж за криминал Филипче да достави информации до јавното обвинителство.




