Одлуката доаѓа откако европратениците се согласија за промена на правилата за исклучување или суспензија на членовите на групата
Партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан во средата го напушти блокот на десниот центар во Европскиот парламент по гласањето што го отвори патот тој да биде суспендиран или исклучен од групата.
Вкупно 148 европарламентарци гласаа „за“ и 28 против за новите правила што ќе ѝ овозможат на групата на Европската народна партија (ЕПП) – најголемата во парламентот – да гласа за исклучување на „член или членови на групата“.
Орбан одговори брзо со писмо, ставајќи јасно до знаење дека неговата партија нема да чека да се одржи гласањето со кое неговата партија би можела да биде исфрлена од групата.
„Со ова ве известувам дека европратениците на Фидес поднесуваат оставка на своето членство во групата на ЕПП“, му напиша Орбан на водачот на групата Манфред Вебер. Тој ги опиша промените во правилата како „јасно непријателски потег против Фидес и нашите гласачи“.
Неколку официјални лица и европратеници изјавија дека се уверени дека, кога ќе бидат воспоставени новите правила, групата ќе гласа за суспензија на 13-члената фракција Фидес. Еден член на Фидес веќе е суспендиран од групата.
Случувањата во средата ја обележаа кулминацијата на долгогодишните тензии во европското централно-десничарско политичко семејство околу Фидес. Повеќе центристички членови на ЕПП ги поддржаа обвиненијата за назадување на демократијата и владеењето на правото упатени кон унгарската влада од институциите на ЕУ. Лидерите на Фидес ги отфрлија обвиненијата и упатија остри критики до највисоките претставници на ЕУ и ЕПП.
Фидес е суспендиран од членството во партискиот сојуз ЕПП од март 2019 година, но неговите европратеници останаа дел од групата ЕПП во Европскиот парламент. ЕПП е најсилната групација во Европскиот парламент. Таа досега броеше 187 члена, но со заминувањето на Фидес нејзината бројка се намалува на 174. Втора по бројност е групата Социјалисти и демократи со 147 пратеници, а трета либералната Обнови ја Европа со 98 члена.