Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска, по средбата со пензионерите во општина Карпош, оцени дека политиките на Владата предводена од Христијан Мицкоски ја водат земјата кон изолација од Европската Унија, а граѓаните ги чувствуваат последиците преку падот на животниот стандард, високите цени и иселувањето на младите.

Одговарајќи на новинарско прашање за посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и барањето на Владата за вклучување европски претставник во разговорите со Бугарија, Филипче рече дека Мицкоски нема намера да го продолжи европскиот пат на државата.

– Сè што кажува премиерот Христијан Мицкоски дека е потребно да се направи, дека е потребна некаква помош и претставник од Европската Унија, е лага. Едноставно, човекот нема намера да го продолжи европскиот пат на земјата. Фон дер Лајен веќе неколкупати доаѓа тука, во 2022 година даде конкретен предлог, но тогаш пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ја исвиркаа. Јасен е патот напред, но ако оваа шанса не се искористи, којзнае дали ќе имаме втора шанса – рече Филипче.

Според Филипче, претставувањето на премиерот како заштитник на националните интереси е лага бидејќи, како што рече, пропаднале неговите претходни ветувања за враќање на името и промена на преспанскиот договор.

– Сите негови лаги паднаа во вода. Ќе го враќаше името, ќе го менуваше преспанскиот договор, и што излезе? Го потврди преспанскиот договор дека е добар, дека никако не е загрозен јазикот. Во Собранието сега имаат нов трик, кој сакаат да го продадат, а тоа е дека е загрозен јазикот од страна на Бугарија, а тоа не е точно. И сега мене ќе ме обвинат дека јас сум тука бугарски платеник… Тоа што Христијан изгради ѕид околу земјава, се претставува како заштитник на националните интереси, тоа е само уште една негова нова голема лага, затоа што вистинскиот развој, напредок, систем, благосостојба на граѓаните е надвор од овој ѕид којшто тој го изгради – рече Филипче.

Во однос на економската состојба, Филипче побара од Владата да ги намали ДДВ-то и акцизите за горивата, со цел, како што рече, нивната цена да се намали за 15 до 20 денари.

– На прво место за мене се интересите за граѓаните. Очекувам оваа зима да биде уште еден огромен удар, затоа што парното е веќе поскапено. Ние не знаеме како ќе бидат цените на горивата. Власта не ги слуша нашите апели да се намалат акцизите, да се намали ДДВ-то. Џабе се фали власта дека имаме најниски цени на горивата во регионот, кога нашите граѓани можат да купат најмалку литри горива со овие плати и пензии коишто ги имаме. Нека се тргнат акцизите, нека се намали ДДВ-то пет проценти, нека се намалат горивата за 15 до 20 денари, па да има некако бенефит да имаат граѓаните – рече Филипче.

Фото: СДСМ