Епидемија може да трае и повеќе години, имаше некои предвидувања дека може да трае и до 2024 година, дека ќе премине можеби и во ендемска форма, ама тоа не значи дека ние треба да живееме затворени, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Тој смета дека сега, кога државата обезбедила доволно вакцини против Ковид-19 за да бидат достапни за секој што сака да се заштити, повеќе не би требало да има затворања за сите, полициски часови и слично, туку „граѓанките и граѓаните да си преземат одговорност за сопственото и за здравјето на најблиските“.

Остануваат само основните мерки за спречување на ширењето на заразата – маски во затворено, или каде што има многу луѓе на мал простор, социјална дистанца и често миење раце.

Затоа Филипчеапелира сите да се вакцинираат оти вакцината штити од тешка болест и од смрт.

Филипче вели дека не можеме да знаеме во иднина какви нови соеви може да измутираат од вирусот што ќе предизвикуваат нови и нови бранови на зараза и како пример ја наведува Велика Британија каде што владата од 19 јули ќе ги укине речиси сите мерки и покрај тоа што таму веќе има нов бран предизвикан од делта сојот на Ковид-19.

Во Македонија до вчера се регистрирани 10 заразени со делта сој на коронавирусот.