Утрово се регистрирани 26 нови случаи на коронавирус во земјата- вкупно 285 дијагностицирани пациенти
Почина 1 пациент, 9 пациенти се излекувани и испишани од болничко лекување, објави министерот за здравство Венко Филипче на Фејсбук.

Во продолжение неговата комплетна објава:

Информираме дека утрово на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје почина еден пациент на 79 години, од Дебар. Пациентот е дијагностициран позитивен на Ковид-19 на 23 март, а со влошена здравствена состојба хоспитализиран на клиниката во Скопје на 25 март.

Денеска од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје се испишани 9 пациенти (8 од Дебар и 1 од Скопје) кои на два контролни теста на Ковид-19 имаа негативен резултат. Нивната здравствена состојба е добра и тие заминаа дома.

Во изминатите 24 часа се регистрирани 26 нови случаи на коронавирус во земјата. Целосен преглед за состојбата по градови ќе испратиме дополнително бидејќи дел од потврдените се со работа во Скопје, но место на живеење во друг град, а анкетите се се уште во тек.

Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 во земјата денеска до 12.00 часот изнесува 285 лица.

Министерството за здравство прави огромни напори навремено, транспарентно и точно да ја известува јавноста и да комуницира со медиумите. Со оглед на зголемениот обем на работа и информации и се поголемиот број на тестирања во повеќе лаборатории кои ги доставуваат своите извештаи до Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство известува дека од утре 31 март, ИЈЗ ќе ја доставува статистиката на денот за бројот на новозаболени до 15:00 часот за што Министерството за здравство веднаш ќе испрати информација до медиумите.
Во овие моменти е неопходно е да имаме точни, проверени и прецизни податоци и за таа цел го поместуваме времето за известување. Прес конференциите остануваат да се одвиваат на редовна основа за сите дополнителни информации и прашања од страна на медиумите.