Нашата проценка е дека некаде до крајот на летото може да се постигне колективен имунитет имајќи ги предвид сите количини вакцини кои треба да пристигнат во нашата земја, вели министерот за здравство Венко Филипче во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Според министерот, кој предвидуваше дека коронавирусот ќе мине во Македонија со околу 2.000 заразени, сите вакцини се безбедни и нема потреба граѓаните да преферираат една наспроти друга вакцина.
– Сега со пристигнувањето на оваа значајно голема количина на вакцини, а очекуваме уште стотина илјади на 15 мај, повторно од производителот Синофарм и количината од 500 илјади вакцини од производителот Синовак до крајот на месец мај, значи една значајно голема количина, која ќе се дистрибуира по овие два канали кои што ги спомнав, решивме да се стави приоритет на тие што се пријавиле и затоа се направи пресек на 30 април – сите граѓани коишто се пријавени на сајтот vakcinacija.mk, а тоа се невакцинирани близу 160 илјади, во период од две недели, значи некаде до 15 мај ќе добијат термин за вакцинација преку СМС порака или меил со точно време и пункт каде треба да се јават – вели Филипче.
Министерот вели дека нема никакви дилеми околу ефикасноста на кинеската вакцина Синовак.
Филипче на почетокот од пандемијата предвидуваше дека Македонија ќе го мине коронавирусот со околу 2.000 заразени, а досега таа бројка е поголема за повеќе од стопати.