Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во својот говор за состојбата во Унијата денеска ја покани Канада да стане првата придружна членка на Европската Унија.
Фон дер Лајен во моментов се уште зборува за состојбата на Унијата во Европскиот парламент во Стразбур, а канадскиот премиер Марк Карни, исто така, е присутен во ЕП и планирано е утре да се обрати пред европратениците.
Претседателката на Комисијата рече дека ЕУ сака „да го подигне нивото на односи со Канада на највисоко можно ниво“.
Германската политичарка нагласи дека Канада и ЕУ мора „итно да ги редефинираат“ своите односи.
„Затоа сакам да соработувам со вас за да ја отвориме вратата за Канада да стане првата придружна членка на ЕУ“, му рече таа на Карни, кој во моментов води еден вид трговска војна со администрацијата на Трамп.
За Фон дер Лајен Канада е земја која споделува европски вредности ,а односот со неа е „сојуз за иднината“ во нов свет во кој мора да се изградат „глобални коалиции“ за отпорност на демократиите.
На почетокот на годината во Давос, Швајцарија, канадскиот лидер предупреди дека светот не поминува низ транзиција, туку низ ненадеен прекин. Тој тогаш рече дека средните сили затоа треба да се здружат за да бидат „на масата, а не на менито“.
Пред неколку дена, тој изјави дека Канада сака „единствен сојуз со Европската Унија“.
„Не сакаме да станеме членка на Европската Унија“, рече Карни туку „тоа што го бараме и за што ќе почнеме да зборуваме е уникатен сојуз меѓу Канада и Европската Унија“, им рече тој на новинарите на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто.
„Ги споделуваме истите вредности, имаме исти приоритети, а нашите силни страни се многу комплементарни“, оцени канадскиот премиер.




