Во тиквешкото село Конопиште се наоѓа земјен столб со пречник околу два метра и висина од 7 – 8 метри, еден од овдешните најважни феномени.
Столбот е само еден од групата земјени столбови, кои се создадени под дејство на ерозијата, водите и атмосферските фактори. Оваа природна убавина се наоѓа во месноста наречена Кањите во областа Бошавија, во Кавадаречко.
Оваа природна реткост не е многу позната кај пошироката македонска јавност, а вакви форми се ретки на Балканскиот Полуостров. Столбовите или како што народот ги вика цуцките на врвот имаат еден дел т.н. капа, кој е составен од поцврста карпа, и во зависност од нејзината големина, се формира и дебелината на столбот.
Во врска со оваа природна реткост, освен што таа претставува убаво доживување за очите, кај дел од локалното население, а и пошироко, има и верувања за некаква натприродна моќ.