(фото) КЦНА ОБЈАВИ: 99 отсто „починатиот“ Ким Џонг-ун ја пресече лената и отвори нова фабрика

/ 02.05.2020

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, за кого вчера во Јужна Кореја тврдеа дека 99 отсто е мртов, се појави во јавност првпат по 20 дена, бидејќи присуствувал на церемонија на отворање фабрика северно од Пјонгјанг, објави државната агенција КЦНА.

Ким, според агенцијата, ја пресекол црвената лента на церемонијата на отворање хемиска фабрика, а присутните „громогласно извикувале „ура“ и на тој начин го поздравиле врховниот лидер“.

Тој изразил задоволство поради производниот систем на фабриката, нагласувајќи дека објектот претставува значаен придонес во напредокот на хемиската индустрија и производството на храна во земјата, наведува државниот медиум.

Ким бил придружуван од неколку високи севернокорејски претставници, како и од неговата помлада сестра Ким Јо Џонг.

Западните медиуми наведуваат дека не можат независно да го проверат извештајот на КЦНА.

Подолго време се шпекулира за здравствената состојба на севернокорејскиот лидер, тврдејќи дека по неуспешната операција на срцетот тој се наоѓа во животна опасност.

Ким последен пат е виден на 11 април за време на седницата на Политбирото на владејачката Работничка партија. Оттогаш не е објавена ниту една актуелна фотографија, ниту пак видео снимка.

Вчерашната вест: Ким е мртов 99 отсто

Ји Сонг Хо, кој побегнал од Северна Кореја и станал пратеник во јужнокорејскиот Парламент, тврди дека 99 отсто севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун е мртов, а власта ќе ја преземе неговата сестра.

Ји нагласи дека е информиран оти Ким починал пред една недела и Пјонгјанг веста би можел да ја објави во текот на овој викенд.

Според него, можно е истовремено да биде соопштено дека за наследник на Ким ќе биде избрана неговата сестра Ким Јо Џонг.

Тој прецизираше дека е известен оти Ким починал минатиот викенд по извршената операција на срцето, пишува лондонскиот весник „Мирор“.

Ји додаде дека Северна Кореја не соопштила веднаш за смртта на својот лидер и не прогласила период на жалост, бидејќи се соочува со комплицирано прашање на сукцесија.

Ким не се појавил во јавност од 11 април, кога претседаваше со состанокот на Политбирото на владејачката работничка партија.

Шпекулациите за неговото здравје и за тоа каде се наоѓа се зголемени откако не присуствуваше на прославата по повод роденденот на Ким Ил-сунг на 15 април, кој е најважен национален празник.

Светските медиуми оттогаш пишуваат дека здравствената состојба на Ким Џонг-ун е нарушена, а повеќето шпекулираат и дека не е жив.

Во медиумите се шират информации дека врз него е извршена операција на срцето, по која тој се наоѓа во „вегетативна состојба“, но тие информации не се официјално потврдени.


Од истата категорија