Франција почна со испораките на природен гас за Германија откако изврши технички прилагодувања на гасоводот што ги поврзува соседните држави, соопштено е од францускиот оператор „GRTgaz“.

Сега гасот се транспортира директно преку единствената гасна интерконективна точка меѓу двете земји во близина на селото Нидергајлбах, во југозападна Германија.

– Во новонастанатата енергетска ситуација поврзана со војната во Украина, Франција покажува солидарност со својот германски сосед со непосредните испораки гас, се посочува во соопштението.

Првично преку границата ќе поминуваат 31 гигават-часови дневно, од максималните сто гигавати колкав што е дневниот капацитет на интерконтекторот.

Техничките зафати врз гасоводот беа неопходни оттаму што првично системот беше изведен исклучиво за пренос на гас од Германија кон Франција, што наложи модификација на инсталацијата. Техничкото приспособување на системот за пренос на гас во двете насоки беше иницирано по драстичното намалување на испораките руски гас за Европа.

Според договорот меѓу двете земји, за испорачаниот гас Франција од Германија ќе добива електрична енергија за време на критичните зимски месеци.

Дури 30 од 56-те нуклеарни реактори во Франција се исклучени поради одржување, голем дел од нив со критични знаци на истрошеност и оштетувања настанати од корозија. Тоа предизвика значајни проблеми во електроснабдувањето во земјата чиј електросистем во голема мера зависи токму од производството струја во нуклеарните централи.

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера најави дека наредните неколку седмици повторно ќе бидат оперативни 40 реактори, 46 до крајот на јануари. Меѓутоа, таквите планови може да ги пореметат штрајковите на вработените во нуклеарните централи.