Во почетокот на ноември се предвидува да се одржи првата средба на Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти што го формираа Македонија и Грција, како обврска од Договорот од Преспа.

Амбасадорот Виктор Габер, кој го предводи македонскиот тим, за МИА изјави дека таа треба да се случи на крајот од оваа недела во Солун, може да трае еден или два дена и на неа треба да се утврди динамиката на средбите, како и да стане збор за рамката на разговорите. Пред оваа, како што рече, прeтстои воведна средба со неговиот грчки пандан, заменик министерот за надворешни работи Маркос Боларис.

Предвидено е овој комитет да ги проучи учебниците, а ќе дефинира и временски рамки, за да се осигура дека во секоја од страните од идната година, односно една година од потпишувањето на Договорот, не се користи ниту еден учебник или помошен материјал кој содржи каков било иредентизам.

Согласно член 8 став 5 од Преспанскиот договор, работата на Комитетот ќе ја надгледуваат министерствата за надворешни работи на Македонија и на Грција. Комитетот ќе се состанува најмалку два пати годишно, а извештај за својата работа треба да поднесува пред Советот за соработка на високо ниво, ново тело чие формирање е исто така обврска со Договорот, а со кое ќе раководат премиерите на двете земји.

Одредбата прецизно дефинира дека Комитетот ќе разгледува и доколку утврди дека е соодветно, ќе изврши ревизија на кои било учебници и помошни наставни материјали како што се карти, историски атласи, наставни упатства кои се користат во секоја од страните, во согласност со начелата и целите на УНЕСКО и Советот на Европа. Комитетот, исто така, ќе ги проучува и новите изданија на учебниците и помошните наставни материјали, како што е предвидено во овој член. Ова тело, формирано на паритетна основа, има по седум члена од македонска и од грчка страна, согласно членот осум, став пет од Договорот за името, ќе треба да го разгледува објективното научно толкување на историските настани засновано на докази и научно-издржани историски извори.

Габер појаснува дека станува збор за обемен материјал од грчки и македонски учебници, кои треба да се прегледаат во насока на промена на начинот на гледање на историјата кај новите генерации, за да не бидат опседнати од атавизми, стереотипни гледања на историските нстани, да се избегне анимозитет.

– Точно е дека имало и тешки и болни моменти во историјата, но тие не смеат да бидат пречка за да одиме напред, туку мораме да ги објасниме и на новите генерации да им бидат достапни на начин што нема да предизвикува нови болни моменти. Не можеме, во овој регион, особено сега кога одиме кон ЕУ, да продолжиме да живееме на начин како порано, мора да соработуваме, мора да се движиме напред и мора да им помогнеме на новите генерации, да не бидат опседнати како што биле мојот дедо, татко, јас. Факт е дека и кај нив во нивните учебници, и кај нас во нашите учебници има елементи кои што предизвикувале одредени непријатни чувства кај другата страна и ги притискле новите генерација, вели амбасадорот Габер.

На прашањето кои се темите кои се очекува да предизвикаат најмногу полемика, Габер вели, постојат неколку елементи во нашата и нивната историја што се болни. Како пример посочува на периодот од Втората светска војна, соработката на грчките и македонските партизани, до кој степен бил возможен тој однос, дали ќе имало балкански штаб како што предлагале југословенските партизани, а мекедонските го прифаќале. Потоа што бил СНОФ за партизаните, или за премолчениот договор Аверов – Поповиќ од 1959 година. Има и позитивни примери, вели, како што е Пактот помеѓу Југославија, и во тие рамки Македонија, со Грција и Турција од 1954 година.

Во однос на именувањето на населените места – топонимите (Тесалоники или Солун, Монастири или Битола…), Габер посочува дека ќе се користат меѓународините конвенции, кои што за нас, вели, се доста поволни. Во тој контекст, нагласува, ќе послужи и признавањето на македонскиот како службен јазик во поранешна Југославија заедно со словенечкиот и српско-хрватскиот на Конференцијата на ОН во Атина 1977 година.

Македонскиот тим според областа на експертиза е мултидисциплинарен и покрај Габер како искусен дипломат од кариера, вбројува и еден историчар, еден јазичар, археолог, политиколог, писател – филозоф и експерт за меѓуетнички односи. Тоа говори, посочува Габер за неговата конципираност врз цивилизациски модел чија цел е да придонесе за поинакво гледање на работите, кое е научно и историски засновано, но ќе овозможи натамошен развој на земјата.

Кај грчкиот тим, пак, има тројца класични историчари, што се подразбира, вели, како желба прецизно да се утврдат елементи што не треба да предизвикаат антагонизми.

Со оглед на обемноста и комплексноста на материјалот што е предмет на интерес, очекува во претстојната работа на Заедничкиот интердисциплинарен комитет да има расправи со аргументи, односно стручен и научен приод кон теми кои предизвикувале во минатото различни толкувања.

– Всушност, целта на овој комитет е токму да дојде до солуции што нема да бидат спротивни на тенденциите за европеизација на овие простори, посочува амбасадорот Габер, додавајќи дека тоа ќе биде еден долгорочен процес.

Овој Македонско – грчки комитет секако ќе ги користи и искуствта во работата на Заедничкиот македонско-бугарски комитет, а кој наскоро треба да ја има третата средба.