По француското вето за старт на пристапните преговори со Македонија, премиерот Зоран Заев свика предвремени парламентарни избори, што „би можело дополнително да го усложни прашањето“ околу Договорот за името меѓу Скопје и Атина и да се одрази врз неговата имплементација, оценува бриселскиот информативен портал „Еурактив“.

Порталот наведува дека по изјавата на Заев во интервју за „Еуроњуз“ на грчки јазик дека би можело делумно да биде замрзнато спроведувањето на некои одредби од Договорот од Преспа, се огласи лидерката на Пратеничката група на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) во Европскиот парламент, Ираце Гарсија, која ги повика политичарите „да ја спасат“ спогодбата.

– Преспанскиот договор меѓу Грција и С. Македонија мора да биде зачуван, изјави Гарсија.

Таа оценува дека ветото на францускиот претседател Емануел Макрон за старт на преговорите со земјава и Албанија претставува „неприфатлива“ одлука и побара од лидерите на ЕУ да ја променат што побрзо.

– Мојата (пратеничка) група ќе повика ова прашање да се најде на дневниот ред на Европскиот совет уште пред пролетта, со надеж дека останатите европски лидери ќе успеат да го убедат Макрон да покаже вистинска европска визија и за Балканот, истакна Гарсија.

Таа смета дека со неуспехот да ги исполни своите ветувања за процесот на проширување, ЕУ го загубила својот кредибилитет и покажала дека има недоволно чувство за историската одговорност кон Балканот.

– Пристапните преговори секогаш претставуваа магнет за поголема демократија и социјален напредок, но беа и светло на надеж за граѓаните, изјави шпанската европратеничка.

„Еурактив“ го пренесува и ставот на поранешниот шеф на грчката дипломатија и потписник на Преспанскиот договор, Никос Коѕијас, кој смета дека ветото на Макрон е повеќе наменето за „француската домашна политика“ во обид да го запре растот на популарноста на лидерката на француската екстремна десница Марин Ле Пен.

– Во пресрет на регионалните избори, Макрон ја користи меѓународната политика за внатрешни работи и за неговите изборни потреби. Тоа претставува најлош начин за справување со прашањата од надворешната политика, смета Коѕијас.

Според него, Макрон е под притисок на екстремната десница во услови кога илјадници Албанци аплицираат за азил во Франција.

– Решение, меѓутоа, не е да се прифатат идеите на Ле Пен, туку да се поддржи политиката за надминување на причините за миграција од Албанија, а тоа е отпочнување преговори со земјата, заклучува Коѕијас.