Одложувањето на почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ со С. Македонија го става во опасност Договорот од Преспа, вели премиерот Зоран Заев и најавува одложување на „Северна“ во внатрешната употреба.

– Ова значи дека делови за внатрешна употреба на новото име С. Македонија ќе бидат блокирани и нема да бидат применливи, вели Заев во интервју за „Еуроњус“ на грчки јазик, пренесоа повеќе медиуми.

Заев објаснува дека одредени членови од договорот, потпишани од Македонија и Грција на 17 јуни 2018 година, се тесно поврзани со напредокот на Македонија кон членството во ЕУ.

– Некои членови ќе бидат замрзнати бидејќи не можат да се спроведат. Ние ќе се обидеме да ги спроведеме, но и двете работи се поврзани, вели Заев.

Тој додава: „Кога Балканот има проблем, тогаш го има и Европа“

Сепак, во интервјуто, тој потенцира дека нема друга алтернатива за земјава и дека без Европската унија „ќе бидеме изгубени во темница“.

– Ние немаме алтернатива. Нема друга понуда што би можела да биде алтернатива. Она што го нудат некои не ни дава демократија, владеење на правото и слободата. Ако светлината на ѕвездата на знамето на Европската унија се изгаси, ние ќе бидеме како во зандана. И може да се изгубиме во таа зандана. Ако на радикализизацијата инационализмот им се постави тло, тие ќе направат огромна штета на целиот Балкан. И кога Балканот има проблем, тогаш и Европа има проблем, вели Заев.

Македонија и Грција го решија спорот околу името на Македонија со договорот од Преспа со кој се предвидува името на Македонија да се смени со додавка Северна, а Грција, пак, да престане да го блокира членството во НАТО и Европската унија.