Министерот за надворешни работи на СР Германија Хајко Мас, го поздрави постигнатиот договор со Грција за името и изрази надеж дека во иднина и одлуките кои ќе бидат во однос на НАТО и ЕУ ќе бидат јасен сигнал за граѓаните на Мaкедонија.

– Се надевам дека во вашата земја ова решение ќе биде добро примено од граѓаните. Ние ќе продолжиме и понатаму да го поддржуваме тој процес – изјави Мас на заедничката прес- конференција во Берлин со министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров.

Тој посочи дека ова прашање е одлучувачко за европските и за германските интереси.

– Не сакаме некои други сили да ги остваруваат своите планови во вашиот регион. Ние веруваме во европската перспектива која е во корист на целиот регион, изјави Мас.

На новинарско прашање дали е подготвен да лобира за помош за придвижување на евроинтеграцискиот процес на Македонија, Мас, рече дека се апсолутно подготвени.

– Уверен сум дека позицијата на Владата ќе биде прифатен од парламентот, како и од нашите холандски и француски пријатели со кои интензивно ќе разговараме во следните денови за да дојдеме до заедничка позиција – рече Мас.

Многу е важно Македонија да добие политичка одлука од Европскиот совет кон крајот на јуни за почеток на преговори и за членство во НАТО бидејќи само така компромисот што го постигнавме ќе биде вин-вин за двете страни, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров на прес-конференцијата.

– Многу е важно, покрај нашето пријателство со Грција, да ги започнеме преговорите со ЕУ и да се зачлениме во НАТО, многу е важно и благодарен сум за поддршката од Германија, Македонија да добие политичка одлука од Европскиот совет кон крајот на јуни за почеток на преговори и за членство во НАТО бидејќи само така компромисот што го постигнавме ќе биде вин-вин за двете страни. Мислам дека немаме луксуз да не ги користиме шансите кога се создадени за решевање на проблемот, рече министерот Димитров.