Лидерот на грчката опозициска партија Нова демократија, Киријакос Мицотакис, пред малку најави дека поднесува барање за гласање доверба за владата на Алексис Ципрас.

Првин ќе се дебатира за четвртата транша од меѓународната помош за финансикиот долг, па потоа за договорот Ципрас-Заев.

Спикерот на парламентот Никос Вутсис рече дека парламентарците дебатата за гласањето доверба на владата ќе ја почнат денес во 18 часот и ќе биде завршена в сабота навечер.

Мицотакис обвини дека владата ќе го заврши својот мандат „на начин како што го почна – со лаги“.

„Грција се движи кон опасна политичка бездна. Последниот чекор е договорот со Скопје. Тоа е лош договор со неприфатливи национални концесии: за прв пат Грција признава македонска нација и јазик“, рече Мицотакис.

За него името со географска одредница „Северна Македонија“ е бесцелно.

„Државата ќе има географска одредница, не населението. Тие ќе се викаат Македонци и ќе зборуваат македонски. Ова е развој кој оди спротивно на чувствата на Грците“, истакна Мицотакис.