Средбите на бугарскиот премиер Бојко Борисов и бугарската министерката за надворешни работи Екатерина Захариева со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, кој е во официјална посета на Софија, се откажани, соопшти прес-службата на Владата на Бугарија.

– Не сакаме да се мешаме во внатрешните работи на нашиот сосед. Нашата позиција е принципиелна и јасна, како и на целата меѓународна заедница. Јасна е и позицијата на претседателот на Македонија. Бугарската Влада не гледа причина да биде искористена за внатрешно-политички дебати во Скопје. Клучно за идниот развој на нашата соседна држава е интеграцијата во ЕУ и НАТО и тоа да не се доведува во прашање, се наведува во соопштението од Владата на Бугарија.

Претседателот Иванов од денеска е во дводневна официјална посета на Бугарија. Според најавите од неговиот кабинет, освен со неговиот домаќин бугарскиот претседател Румен Радев, во Софија требаше да има средби и со Борисов и Захариева.

Со ваквиот потег Софија официјалната посета на шефот на државата ја сведува на многу ниско протоколарно ниво, но од друга страна јасно става до знаење дека Иванов, заради неговите позиции за договорот за името со Грција, го става во изолација. Дипломатски оценето потегот е жесток одговор и се прави притисок врз внатрешните текови во Република Македонија.