За Илинденското востание досега не се разговарало во комисијата, тврди Драги Ѓоргиев, копретседател во заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, за Дојче Веле.

Ова прашање во повеќе наврати е споменувано, а деновиве се наметна во „вербалната војна и вадењето кубури“ од страна на министерот за надворешни работи, Бујар Османи и неговиот бивш колега и бивш вицепремиер Никола Димитров.

Псмани на својот профил на Фејсбук објави дека „во единствениот потпишан протокол од неговиот претходник Никола Димитров, било прифатено бугарското гледиште кон Илинденското востание и било прифатено именување како Илинденско-преображенско востание. Со тоа, наведе Османи, се создала рамка во која се очекува комисијата да делува, што создава тешкотии во нивната работа. А воедно бил создаден и преседан во односите со Бугарија – дека „историските прашања може да ги решаваме политички, наместо да ѝ ги оставиме на комисијата“, напиша Османи.

Според Ѓоргиев, Илинденското востание било спомнато еднаш или двапати од неговите колеги од Бугарија, како една од можните теми за разговор во иднина, во рамките на комисијата.

– Но тој предлог никогаш не бил прифатен од наша страна и Илинденското востание никогаш не било тема на разговор во комисијата. Не знам што разговарале политичарите, но ние никогаш таа тема не ја ставивме „на маса“, ниту пак дошла некаква сугестија од политичарите да се разговара за Илинденското востание, тврди Ѓоргиев.

Претходно, како што објавивме, Димитров ги прозва премиерот Димитар Ковачевски и Османи за дебаклот во договарањата со Бугарија за деблокада на патот на Македонија во ЕУ. Текстовите бившите колеги во владите на Зоарн Заев, може да ги отворите на овие линкови: Димитров и Османи.