Скопје го гради својот најголем еколошки штит, објави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Проектот кој со децении беше само неопходност и надеж, денес забрзано се гради и станува реалност.

-Пречистителната станица за Скопје е најголемиот и најсовремен еколошки проект во Македонија, комплексен зафат кој опфаќа изградба на околу 60 објекти кој ќе донесе историска промена во заштитата на Вардар, животната средина и здравјето на граѓаните. По првичниот застој, предизвикан од незавршени административни процедури, неусвоени детални урбанистички планови, експропријација на земјиштето и задоцнети плаќања кон изведувачот, денес изградбата се одвива со забрзана динамика и согласно планираниот работен план. Речиси 40% од градежните работи се веќе завршени, истакна Ѓорѓиевски.

Согласно договорот склучен меѓу ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и изведувачот, завршувањето на градежните активности е предвидено во првата половина на 2028 година.
Потоа следуваат две години пробна работа, која треба да заврши во првата половина на 2030 година.

-Ова значи почист Вардар, поздрава животна средина и посигурна иднина за генерациите што доаѓаат. Најголемиот еколошки проект во Македонија забрзано напредува, затоа што Скопје заслужува чиста, модерна и европска иднина, вели Ѓорѓиевски.