Комората на трговци од Солун ја одби поканата да бидат дел од бизнис делегацијата што ќе го придружува грчкиот премиер Алексис Ципрас за време на неговата посета на Скопје, јави МИА од Атина.

Од комората, оваа одлука, да не учествуваат во делегацијата ја донеле на состанокот на извршниот комитет, а претседателот Михалис Зорпидис ја поврзува со прашањето за името.

– Одговарам до Enterprise Greece што ја координира делегацијата, дека Комората на трговци од Солун одлучи да не учествува во никаква активност што се поврзува со соседната земја, се додека користи има што не ѝ припаѓа. Прашањето беше тема на последниот состанок на извршниот комитет, чии членови едногласно одлучија дека комората го прави ова во знак на протест и реакција кон политиката што не го изразува грчкиот народ, вели претседателот на комората Михалис Зорпидис и додава дека не ги засегаат активностите бидејќи за нив „името на Македонија, која е само грчка, е свето“ и вели дека и ние ќе го бранат на секој можен начин.

Во исто време со одбиената покана од комората, грчкиот премиер Алексис Ципрас, денес е во Солун каде што ќе учествува на дебата со бизнисмени од Северна Грција на тема „Развојните перспективи на бизнисите од Северна Грција по Договорот од Преспа“.