На граѓаните не им требаат авантури, им треба одговрна, социјална Влада, која ги слуша граѓаните и ги реализира нивните барања, рече првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби во излагањето на денешниот форум „100 дена од мандатот на новата Влада на РСМ”.

-За мене во првите 100 дена од оваа Влада најважното е стабилноста. Во тешки времиња за нашата земја и за регионот и светот, граѓаните бараат Влада што е стабилна, има нагласнео парнерство со НАТО, со ЕУ и со САД. Влада која раководи со прогресивна коалиција и одговара на потребите на граѓаните, а не владина коалиција раководена од една партија, што смета дека руската агресија во Украина е легитимна и правилна, нагласи Груби.

ДУИ, како учесник во оваа коалиција, информира Груби, смета дека предвремени парламентарни избори може да се одржат во април 2024 година, заедно со претседателските избори.

– ДУИ како дел од оваа коалиција го поддржува силно парламентарното мнозинство и владината коалиција и овде сме да ги реализираме овие проекти. На граѓаните не им требаат авантури, им треба одговрна, социјална Влада, која ги слуша граѓаните и ги реализира нивните барања, е порака што ја упати Груби на денешниот Форум.

Според првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, оваа Влада не сака Македонија да отстапи од НАТО и од ЕУ, да ги наруши односите со Косово, не признавајќи ја независноста на Косово, да ги наруши односите со Република Албанија и односите со нашиот сосед Грција, нарушувајќи го Преспанскиот договор, како и нарушувајќи ги односите со Република Бугарија укинувајќи го Договорот за добрососедство, но и да ги наруши односите меѓу Албанците, Македонците, Ромите, Турците, Србите, Власите, Бошњаците, но и сите граѓаните во нашата земја, укинувајќи го мировниот Охридски договор.

Груби наведувајќи дека во изминатите 100 дена фокусот бил ставен и на инфраструктурни проекти, информира дека завршен е тендерот за избор на консултанти, финансиски советник за реализација на Коридорот 8 и за 21 ден треба да завршат преговорите за изградба на последните автопатишта од Скопје до Ќафасан и од Прилеп до Битола. Груби изрази надеж дека камен темелникот за овие патишта ќе се постави на почетокот на јули. Тој информира дека посветено се работи и за завршување на патниот правец Скопје – Блаце и изрази уверување дека идниот месец ќе се реализира кредитот од ЕБОР и ќе се објави тендер за вторите 10 километри од овој автопат, а истата постапка ќе важи и за патот од Кичево до Букочан да се поврзе со Коридорот 8.

Тој е убеден дека при крајот на овој мандат на Владата ќе има изграден пат од Блаце до Ќафасан и од Прилеп до Битола, а ќе се заокружат и сите инфраструктурни проекти, со што ќе се помогне економијата, реализирајќи приближно две милијарди евра во период од три до четири години.