Во поголемите француски градови и синоќа, четврта ноќ по ред, имаше насилни протести, откако полицијата во вторникот застрела 17-годишно момче во предградие на Париз.

Најдраматично, како што јавуваат француските медиуми, ноќеска беше во Марсеј, а протести, насилства и кражби имаше и во Париз, Лион, Тулуз, Стразбур и Лил. Запалени се згради и возила, ограбени продавници.

Околу 45.000 полицајци, неколку оклопни возила и хеликоптери се ангажирани во задушувањето на протестите.

Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманен објави дека синоќа биле приведени 270 лица, со што вкупниот број на уапсени во немирите достигна над 1.100. Повредени се повеќе од 200 полицајци.

На социјалните мрежи се појавија снимки на кои се гледа како експлозија го потресува старото пристаниште во Марсеј. Градските власти соопштија дека е во тек истрага за причината за експлозијата и оти нема информации за повредени.

Во центарот на Марсеј, демонстрантите ограбија продавница за оружје и украдоа неколку ловечки пушки, но без муниција, соопшти полицијата. Едно лице е уапсено со пушка за која се верува дека е одземена од продавница.

Вкупно 80 лица се приведени во Марсеј, а тројца полицајци се полесно повредени.

Градоначалникот Беноа Пајан ја повика владата веднаш да испрати дополнителни единици за справување со немирите.

Во третиот по големина град во Франција, Лион, жандармеријата испрати оклопни транспортери и хеликоптер.

Во Париз, полицијата успеа да ги расчисти демонстрантите од плоштадот Конкорд.

Министерот Дарманен побара од локалните власти ширум Франција да го запрат јавниот превоз по 21 часот. Тој не ја исклучи можноста и за воведување вонредна состојба.

Претседателот Емануел Макрон, кој се соочува со најтешката криза од протестите на „жолтите елеци“ во 2018 година, вчера предвреме го напушти Самитот на ЕУ и се врати во Париз.

Немирите во Франција избувнаа отако полицаец во вторникот во париското предгради Нантер смртно го застрела 17-годишниот Наел М..

Неговата смрт повторно го разгоре незадоволството кај сиромашните, мешани урбани заедници кои се жалат на полициска бруталност и на расизам.