Дваесетина пациенти од Македонија ја примиле терапијата моноклонални антитела за лекување Ковид-19, која стана позната откако ја прими поранешниот претседател на САД Доналд Трамп и рече дека се излекувал со неа.

Министерството за здравство ги набавило овие ампули и истите биле дистрибуирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Ампулите чинат околу 2.000 евра во доза и бараат посебни услови за чување, мерење на температурата и во земјава единствено ги има на Инфективната клиника, објави весникот Слободен печат.

Директорката на Инфективната клиника д-р Милена Стевановиќ вели дека оваа терапија дава добри резултати.

– Моноклоналните антитела се антитела кои се даваат кај пациенти со ковид кои не развиле клинички слики, не се кислородно зависни, а притоа имаат сериозни коморбидитети за фатален исход од болеста. Досега на Инфективната клиника ја аплициравме кај млади пациенти со акутни хематолошки заболувања, со трансплантации како хематолошки и други, однносно кај пациенти со малигна болест на почеток, а не во терминален стадиум. Кога им се аплицираше оваа терапија симптомите останаа многу слаби и не развија тешка болест. Досега сме ја дале оваа терапија кај дваесетина луѓе, вели Стевановиќ за Слободен печат.

Набавените количини се доволни за околу 1.200 пациенти.