Иран ги обвини САД и Израел за  протерувањето на амбасадорот и уште еден дипломат од Aмбасадата во Тирана, поради вмешаност во активности кои се закана по безбедноста во земјата.

Иранската државна новинска агенција ИРНА, го цитира портпаролот на Министерството за надворешн работи, Бахрам Гхасеми кој изјави дека „Албанија стана жртва на САД, Израел и некои терористички групи”.

– САД и Израел работат на уништување на односите меѓу Иран и европските земји. Албанија не треба да им дозволи на другите да ги диктираат нејзините односи со Техеран, посочи Гхасеми.

Албанија одлучи да ги прогласи за непожелни и ги протера иранскиот амбасадор Голамхошеин Мохамадниа и уште еден дипломат од Амбасадата на Иран во Тирана под сомнение дека „се вклучени во активности кои се закана по безбедноста во земјата“.

Според портпаролката на албанското Министерство за Европа и надворешни работи одлуката за прогласување на иранските дипломати како непожелни, била донесена „во консултација со сојузничките земји, поради нивната активност во Албанија, во спротивност со  нивниот дипломатски статус“.

Пред неколку месеци, Албанија за непожелни ги прогласи руското воено аташе, како и првиот секретар на Руската амбасада. Но, оваа одлука, како што тогаш образложи Министерството за Европа и надворешни работи, следувала по конфликтите на Русија со Велика Британија по труењето на поранешниот двоен шпион, Сергеј Скрипал.