До 13 часот на денешниот референдум излегле на гласање 261.473 гласачи или 16 отсто од вкупно запишаните во Избирачкиот список 1.806.336 граѓани.

Ова го соопшти претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Денковски, на прес конференцијата, што се одржа пред малку.

Тој изјави дека ова е резултатот од обработените податоци од 90, 24 отсто од избирачки места во Република Македонија.

Како што е веќе познато, референдумот се спроведува за смена на уставното име на Република Македонија во Северна.

– Денот се одвива најнормално со мали, ситни инциденти и исклучоци кои навреме се решаваат од ДИК, ОИК и избирачките одбори, но некаде и со помош на полицијата. Во целина сметам дека нема некои посериозни нарушувања во текот на целиот ден, изјави Дерковски.

Одговарајќи на новинарски прашања, Дерковски кажа дека на едно избирачко место во скопски Чаир е извршена замена на член на Избирачки одбор кој на самото место на гласање агитирал. Исто така, кажа дека на едно избирачко место во селото Грчец направена е проверка на бројот на гласачките ливчиња по тврдења од страна на едно лице дека недостасуваат гласачки ливчиња. Констатирано е дека на ова избирачко место во Грчец не недостасуваат гласачки ливчиња.

– За сите овие инциденти ние бараме изјави од членовите на избирачките одбори и да состават записник. Да им укажам на сите да внимаваат, да ги спроведуваат законите и дека сите оние што не го направиле тоа, а за кои имаме сознанија и записници по завршување на процесот ќе сносат санкции. Нема прошка за никого во изборните органи, рече на прес-конференцијата Дерковски.

Во однос на излезеноста до 13 часот таа се одвива во распон некаде од околу шест отсто до 19 отсто. Градови со најголема излезеност се Гевгелија каде излегле 19,55 отсто од запишаните во Избирачкиот список, во Прилеп 19,05 отсто, во скопската општина Аеродром излезеноста е 18,29 отсто, Бутел 16,08 отсто, Арачиново 15,64, Демир Хисар 15,59 отсто, Куманово 16,15 отсто, Гостивар 12,25, Штип 17,21 отсто, Неготино 15,72, Свети Никола 15,31 отсто. Меѓу населените места со најмала излезност се Василево со 9,35, Конче 9,97 и Босилово 6,96 отсто.

ДИК во текот на целиот ден е во постојано заседание. Сите членови се во просториите на Комисијата и евентуалните инциденти и недоследности се решаваат ведаш.

Следната прес-конференција ДИК ја закажа за 15:30 часот.