Политичкото проширување на ЕУ, вклучително и европската перспектива на РС Македонија и нејзините односи со Бугарија се во основата на бугарската и европската надворешна политика, изјави бугарската потпретседателка Илијана Јотова.

Таа во обраќањето во бугарското училиште за политика Димитар Паница порача дека секој што сака да биде дел од европското семејство треба да сфати дека тоа не е банка ниту донатор, туку слобода и заштита на човековите права.

– Сакаме гаранции за правата на македонските Бугари, за вистинско добрососедство, почитување на историјата, изјави Јотова.

Според бугарската потпретседателка, успех на бугарската надворешна политика е опстојувањето на бугарската позиција за впишување на Бугарите во Уставот на Македонија.

– Тоа е пример како успеваме кога работиме заедно сите институции и политички партии, додаде таа.

Јотова уште вели дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан засега и друго основно прашање – Босна и Херцеговина, Србија и Косово. Тој јазол, како што порача, може да биде одврзан само при јасна перспектива за тие држави, а сигналот треба да дојде од ЕУ, зашто во спротивно тие земји секогаш ќе останат конфликтни точки.