По дводневната посета на Приштина, каде што бараше Бугари во Косово, бугарската потпретседателка Илијана Јотова денеска имала средба со Бугарите во Скопје, јави бугарската новинаска агенција БТА.

– Нашата заедничка цел е да го намалиме нивото на тензија, секојдневно да се бориме со овој застрашувачки јазик на омраза што се излева во С. Македонија во однос на Бугарија и бугарскиот народ, против сите обиди за дискриминација на Бугарите во земјата. Какви и да се постапките на РС Македонија, каква и пропаганда да има, ние нема да отстапиме од договорите што ги имаме. И ако Бугарите не бидат вклучени во Уставот на земјата, нема да има ни педа напредок во преговорите на РСМ за членство во ЕУ. Нема да има меѓувладина конференција, нема да има извештај на ЕК со кој ќе започнат реалните преговори, рекла Јотова по средбата со бугарскиот амбасадор во Македонија, Ангел Ангелов,

Средбата на Јотова со претставници на бугарската заедница била во бугарската амбасада во Скопје, каде им се заблагодарила за храброста да ја бранат својата бугарска самосвест, традиции, јазик, историја, јави БТА.

Според Јотова, Бугарија внимателно ја следи ситуацијата во земјата, „кој и како ги подготвува можните текстови за да ги вклучи Бугарите во Уставот на С. Македонија, како ќе бидат прифатени овие текстови, како ќе реагираат политичките сили, но пред се институциите во С. Македонија“.

– Ние секогаш ќе бидеме ваши бранители, исто како што го браневме она невино момче Христијан Пендиков, кој за малку не го загуби животот затоа што се чувствува Бугарин и е член и секретар на бугарски клуб. Не е достапноста на бугарски пасош тоа што го прави човекот, важна е неговата самосвест, а секој што има бугарска самосвест ќе биде заштитен, рекла Јотова.

Таа потсетила дека бугарскиот претседател Румен Радев го покренува прашањето за „правата на Бугарите во Македонија на секој самит во Брисел, вклучително и на последниот состанок на Европскиот совет“.

Јотова наминала во Скопје на враќање од Косово, каде што се сретна со претседателката Вјоса Османи по повод 15-годишнината од независноста на државата.