Вистинскиот почеток на преговори на РС Македонија со Европската Унија ќе биде тогаш кога Бугарите ќе бидат запишани како државотворен народ во Уставот на земјава, вели потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова во интервју за ТВ Алсат.

– Додека не се исполни овој услов, во практика чекор напред не може да има. Затоа ние чекаме од нашите колеги во РС Македонија забрзување на овој процес и се разбира истовремено со тоа и во работата на Историската комисија. Впрочем, моето мислење е дека веќе има добар контакт меѓу двете страни во оваа Комисија и се надеваме дека еден ден сите недоразбирања во однос на историјата ќе бидат надминати. Ние тука на Балканот имаме заедничка иднина и тоа е нашата европска иднина, а сè останато може и треба да биде решено, вели Јотова, пренесе порталот 360 Степени.

Таа потсетува дека после францускиот предлог и потпишаниот Протокол, треба „да биде јасно“ дека Договорот за добрососедство меѓу двете држави веќе не е само Договор меѓу две држави, туку дека тој е дел од европското законодавство и за тоа дали тој се исполнува или „не дај Боже, се нарушува, набљудуваме не само ние од Бугарија, туку и нашите колеги од Европската комисија, од европските институции“.

– Така што, процесот на присоединување на РС Македонија, во голем дел, зависи од исполнувањето на Протоколот и на Договорот“, додава таа.

На прашањето која е нејзината порака до опозицијата во земјава и нејзиниот став дека нема да даде поддршка за внесување на Бугарите во Уставот, Јотова вели дека тоа се внатрешни политички прашања во земјава која е суверена држава, со суверени институции кои сами треба да ги решат овие внатрешни проблеми.

– Јас не можам да давам инструкции ниту на опозицијата, ниту на власта. Како земја-членка на Европската Унија веќе петнаесет години ние изминавме многу тежок пат во нашиjotovaот преговарачки процес и сме подготвени да помогнеме на нашите колеги од РС Македонија во секој еден момент кога ќе имаат тешкотии. Кога се исполнуваат условите поставени од Европа, за нас тоа е сериозен чекор на патот на присоединување, но нешто треба да е многу јасно – таму каде што ќе започнат да се нарушуваат човековите права, таму Европа завршува, потенцира Јотова.

Околу отворањето на бугарски културни клубови во земјава и на македонски во Бугарија, Јотова вели дека ова прашање претпочита да го коментира само на ниво на институциите на двете држави.

– Што се однесува до клубот во Благоевград, вашите власти кажаа дека тоа е приватна иницијатива и за нас тоа беше доволно. Само да не се подгрева омразата и нова конфронтација меѓу двата народа и да се почитуваат сите закони и правила. Тоа што некои луѓе се решиле да отворат свој клуб, нека да си ја развиваат својата дејност и ако овој клуб служи за добрите односи меѓу двете држави, тоа може само да нè радува. Но, за жал повторно зачестија случаите на вандализирање споменици тука во РС Македонија, вели Јотова.