Со десетици загинати во насилните протести во Казахстан во изминатите денови стабилната, но репресивна централноазиска земја е фрлена во хаос.

Протестите избија во текот на викендот во градот Жанаозен во западниот регион Мангистау богат со нафта поради новогодишното зголемување на цените на течниот нафтен гас (ТНГ), што се користи за автомобили. Немирите се шират во регионалниот центар Актау на брегот на Каспиското Море.

Во вторникот, илјадници бесни од поскапувањето излегоа на улиците на Алмати, најголемиот град, при што полицијата употреби солзавец и шок-бомби. Подоцна истата ноќ, претседателот Касим-Жомарт Токаев воведе вонредна состојба во градот и во немирниот запад, откако рече дека ќе ја намали цената на ТНГ во обид да ги смири демонстрантите.

Многумина скандираат „Старецот надвор!“, повикувајќи се на се уште моќниот претходник и ментор на Токаев, Нурсултан Назарбаев.

Фотографии објавени на социјалните мрежи подоцна покажуваат уривањена статуа на поранешниот претседател. WhatsApp и другите популарни апликации за пораки како Telegram и Signal се недостапни во државата од вчера.

Токаев го разреши својот кабинет вчера во обид да ги спречи невидените немири, но демонстрантите повторно се собираат, блокирајќи ги патиштата и упаднаа во седиштето на локалната власт во Алмати. Кабинетот на градоначалникот и претседателската резиденција во градот подоцна се оставени во пламен.

Интернетот и мобилните телефонски мрежи се прекинати, а вонредната состојба се проширува низ целата земја. Токаев ги обвинува демонстрантите за „масовни напади врз органите на редот“ во кои има загинати и многу повредени, и тврди дека земјата е нападната од „терористички“ групи.

„Имам намера да се однесувам што е можно построго“, вели тој.

Белата куќа и ОН апелираа до казахстанските власти да покажат „воздржаност“.

Доцна вчера, претседател апелира за помош за задушување на протестите од Организацијата на Договорот за колективна безбедност предводена од Москва. Видеата на социјалните мрежи покажуваат ограбени продавници во Алмати и пукотници на улиците.

Испратени се руски падобранци како одговор на барањето на Токаев.

Во телевизиско обраќање денеска, Токаев рече дека „терористите“ заземаат згради, инфраструктура и оружје и се борат со безбедносните сили.

Полицијата соопшти дека убила „десетици“ демонстранти во текот на ноќта додека се обидувале да заземат владини згради и полициски станици.

Тринаесет полицајци за безбедност се убиени — од кои двајца обезглавени — а 353 се ранети во немирите, јавуваат локалните медиуми, пренесоа западни новински агенции. Министерството за здравство соопшти дека 1.000 луѓе се повредени.

Полицијата во најголемиот казахстански град Алмати денеска соопшти дека привела околу 2.000 луѓе во масовните протести додека претседателот на Казахстан, Касим Жомарт-Токаев нареди да се формира истражна група која ќе ги утврди причините за немирите во земјата и ќе ги повика на одговорност сите кои учествувале во немирите, соопшти денеска претседателската прес-служба. Во истражната група ќе бидат претставници на Обвинителството, МВР, Комитетот за национална безбедност.