Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 25 февруари.

Денеска е Св. Тарасиј Цариградски.

Свети Тарасиј беше ракоположен за цариградски патријарх во 783 година. Тоа е време кога беснееше иконоборечката ерес. Пред тоа Тарасиј беше сенатор и царски советник, а беше избран за патријарх по советот на неговиот претходник, патријархот Павле, кој тајно се повлече од катедрата во еден манастир.

Свети Тарасиј беше претседател на Седмиот вселенски собор во 787 година, на кој му беше зададен решавачкиот удар на иконоборството. Ова големо светило на православната црква се упокои во 806 година.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Четириесет маченици.

За време на прогонствата на царот Луциниј овие луѓе не сакале да се откажат од верата и умреле во вода која се замрзнувала. Мачеништвото се случило во 320 година, во Себасти во Мала Ерменија. До замрзнатиот базен бил подготвен и базен со топла вода за да ги намами оние кои не можеле да ги издржат маките. Еден човек преминал во топлата вода, но поради наглите промени веднаш умрел. На неговото место меѓу мачениците се нашол чуварот претставувајќи се како христијанин. Фактот дека за ова мачеништво пишувале свети Базилиј и свети Гргур Назијански, покажува оти тоа мачеништво воодушевило многу луѓе.