Не прифаќаме решение што го содржи терминот Македонија и ако дојде време да се разделат нашите патишта, ќе се разделат, рече претседтелот на Независни Грци, министер за одбрана и коалиционен партнер во грчката влада, Панос Каменос, на седницата за законот за поништување на одредбите за кратење на пензиите.

Тој, говореше за Договорот од Преспа, за кој рече дека е мртов, ги спомена изјавите на македонскиот премиер, но и за соработката со СИРИЗА, јави МИА од Атина.

-Договорот од Преспа е мртов. Мртов е бидејќи самиот господин Заев и покрај сите напори од грчка страна да се најде решение, со неговите континуирани изјави, го негира самиот договор. Освен ако нема направен друг договор, под маса, со Коѕијас. Тоа треба да го каже јавно. Но, ние не знаеме таков договор, рече коалицискиот партнер во грчката Влада, говорејќи од парламентот.

Каменос ја повтори позицијата дека нема да гласаат за ратификација на Договорот од Преспа и ќе ја напуштат владата.

– Ако владата на Скопје продолжи со политиката што ја следи денес, односно да говори за политика што вклучува македонска националност или македонски јазик или уште повеќе, ако говори за македонско малцинство во земјата, овој договор не може никогаш да дојде, од ниту една влада за гласање во грчкиот Парламент. Но, доколку, од било која причина дојде во грчкиот Парламент, јасно изјавуваме дека Независни Грци си заминуваме од владата и од владиното мнозинство, рече Каменос и му се обрати на лидерот на Нова демократија, Киријакос Мицотакис, прашувајќи го дали го прифаќа името Северна Македонија и дали доколку се ратификува договорот, ќе го поништи кога ќе дојде на власт.

Лидерот на Независни Грци, не испушти да го спомене неговиот став дека за да се донесе било каква одлука, потребно е претседателот да свика лидерска средба, бидејќи “последната донесена одлука е од средбата на Константинос Караманлис со претседателите на партиите и оваа одлука има уставна важност”.