Шефот на британската дипломатија, Дејвид Камерон, изјави дека Велика Британија може официјално да ја признае државата Палестина по прекинот на огнот во Газа и пред исходот од повеќегодишните преговори меѓу Израел и Палестинците за решението за две држави, објавија американските медиуми.

-Признавањето не може да дојде на почетокот на процесот, но не мора да биде ниту на самиот крај. Тоа би можело да биде нешто за што би размислувале како дел од процесот додека навистина се движиме кон решение, рече Камерон, додавајќи дека на палестинскиот народ треба да му се дозволи да види подобра иднина и „иднина во сопствената држава“.

„Таа перспектива е апсолутно витална за долгорочниот мир и безбедност во регионот“, додаде Камерон.

Британскиот министер и поранешен премиер на Обединетото кралство додаде дека првиот чекор кон тоа мора да биде „пауза во борбите“, што на крајот ќе стане „траен и одржлив прекин на огнот“.

Британското признавање на државата Палестина е условено од тоа дали членовите на палестинската милитантна група Хамас ќе ја напуштат Газа.

-Не може да има решение за две држави ако Газа сè уште е под контрола на луѓето одговорни за нападот на 7 октомври, рече Камерон.

фото:МИА архива