ВМРО-ДПМНЕ најавува повеќе информации за тоа кој и како набавувал канцероген мазут, случај за кој вчера полицијата спроведе акција и вршеше претреси на повеќе локации.

-Врвот на лицемерието кога СДС и Филипче ронат солзи за аерозагадувањето, а поради бизнис и пари нивниот пратеник и бизнис ас Јахоски го труе народот со мазут. Денес нема да чуете од СДС загриженост поради загадениот воздух, но ќе видите како криминалците на Венко Филипче поради провизии и бизниси го труеле народот со канцероген мазут. Тоа се истите тие кои правеа милионски договори со министерствата на СДС, вклучително и министерството за здравство додека Венко Филипче беше министер за здравство, се вели во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата прашуваат колку училишта и министерства набавиле од канцерогениот мазут на другарите на Филипче и колку објекти користеле од истиот мазут кој бил канцероген.

-Додека Филипче и дружината правеле милиони, народот бил убиван од канцероген мазут. Вистината ќе излезе на виделина. Се расплеткува клопчето на криминалци во политиката, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

На локации во Скопје и низ државата вчера имаше акција на Одделот за субивање на организиран криминал и корупција во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Акцијата била во врска со сторени кривични дела поврзани со сомнителни набавки на деривати.

– Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција при БЈБ, МВР во координација со ОЈО за ГОКК по Наредба на судија на претходна постапка врши претреси на локации во Скопје и низ државата во врска со сторени кривични дела поврзани со сомнителни набавки на деривати, штета од големи размери за буџетот на државата и штета врз здравјето на луѓето, информираа од Министерството за внатрешни работи.

Дел од медиумите објавија дека е приведен сопственикот на РКМ и поранешен директор на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, Ратко Капушевски и сопственикот на „Пуцко Петрол“ Асмир Јахоски.