Кина ги зајакна мерките за заштита на својот главен град Пекинг поради зголемениот број случаи на коронавирус, предизвикани од позаразниот Делта сој, која се прошири во многу градови низ земјата.

Националната здравствена комисија соопшти дека вчера се регистрирани 107 нови случаи на коронавирус во континенталниот дел од државата, во споредба со 124 заразени еден ден претходно.

Од новите инфекции, 75 се пренесени локално, соопшти здравствениот орган. Повеќето од локалните случаи биле во источната провинција Џансу.

Луѓето кои во моментов се надвор од Пекинг во реони со поголем ризик, треба времено да го одложат враќањето, додека други мора да приложат негативен тест на Ковид-19, според одлуката донесена на состанокот на локалните власти. Треба да се зајакнат мерките за спречување на епидемијата на железничките линии, автопатиштата и аеродромите, сметаат здравствени власти.

Пекинг ги критикуваше некои локални власти поради олабавување на епидемиолошките мерки, што доведе до ширење на Делта мутацијата.