Во присуство на министрите за одбрана на Франција и Грција, вчера во Атина беа потпишани конечните договори за набавка на три модерни француски фрегати Белара, како и дополнителни шест воени авиони Рафал, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчка страна договорот за фрегатите го потпиша генералниот директор за одбранбена опрема и инвестиции од Министерството за одбрана на Грција, а од француска страна, претседателот и извршен директор на компанијата Навал.

Министерот за одбрана на Грција Никос Панајотопулос рече дека набавката го истакнува стратешкиот карактер на грчко – француските односи и целосната поддршка на Франција за Грција пред предизвиците и заканите.

Министерката за одбрана на Франција Флоранс Парли рече дека Франција е горда што придонесува за зајакнување на грчката безбедност, со трите фрегати и шесте дополнителни Рафал, покрај веќе нарачаните 18.

Додаде дека Грција е голем пријател и сојузник на Франција, а за тоа сведочи и нејзиното присуство на денешната воена парада во Атина по повод националниот празник.

Според грчките медиуми, првите две фрегати се очекува во 2025 година да пристигнат во Грција, а третата една година подоцна.

Набавката на три модерни француски фрегати е вклучена во Договорот за воспоставување стратешко партнерство за одбранбена и безбедносна соработка меѓу Франција и Грција, што во септември, во Париз, го потпишаа министрите за надворешни работи и одбрана на двете земји, во присуство на францускиот претседател Емануел Макрон и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.