Така се гради демократија. И се трасираат патишта кон Европа, кои НАТО ќе ги асфалтира, а ЕУ ќе донира. Така се гради едно општество за сите, со еден потпис во Службен весник. И се станува јунак за Албанците, но и за северџаните

Талат може да стане најголем политички фраер на сите времиња – сегашни, минати и идни, свршени и несвршени, како и на сите годишни времиња и кијамети. Само под еден услов. Строго „по пеес“ да собере офицерска храброст и уставна сила, да напише и да објави колумна во Службен весник. Со свој потпис и без редактура од шефот. Макар и под псевдоним. Ако нема подобра идеја, ете, нека биде и командант Форина.

Тоа би го дигнало високо на македонското политичко небо. И би станал една од најсветлите политички ѕвезди – северномакедонска Сириус, со право на избор да биде и албански Пулсар, ако така повеќе му одговара. И тој, најсериозно, би можел да се кандидира за Нобеловата награда. За годишен опус, ако му тргне бизнисот и ако успее да стане редовен колумнист на Службен весник.

Впрочем како што е практика во сиот развиен демократски свет – собраниските спикери по своја желба, и само со свој потпис, да објавуваат колумни во Службен весник. Како што е случај во ЕУ, но и во САД, како и во Јапонија на исток и во Албанија на запад. Но, и во скандинавските демократии Шведска, Финска, Тевдовска… Ух, извини Копенхаген, не беше намерно, ми се помешаа бруто и нето буквите.

Така се гради демократија. Така се трасираат патишта кон демократска Европа, кои потоа НАТО ќе ги асфалтира, а ЕУ ќе донира. Така се гради едно општество за сите со еден потпис во Службен весник. Така се станува јунак за Албанците, ама и за северџаните. Македонците и онака не им се омилени на големите спикерски демократии оти инсистираат да си го задржат крстеното име, немаат сенс за демократски избор и одбиваат северџански придавки.

Кога станува збор за инспирација, се лажат сите сомничави типови кои мислат дека спикерот нема толку инспиративни теми за моќни текстови во секој број на Службен весник. На трчање еве само неколку:

Како станав собраниски спикер? Демократскиот свет ми честита избор во мигот кога Ферид штотуку ги изброја дигнатите раце! Напатени пратенички души, од демократски восхит, ме гласаа со две раце! Се броеја и раце и прсти за деловнички, законски и уставен избор…

Има уште мноштво теми за колумни во Службен весник. Со европски знаменца или само со албанското. Теми за сите љубители на закони кои се уште веруваат во Устав и правни норми во земјата на чудата од превртлива демократија.

Но, неизбежно мора да се објави една колумна во Службен весник. Толку лесна за пишување и со едноставен наслов: Иванов ги крши Уставот и законите. И тука може да се стави голема северџанска демократска точка. Па, да се чека абер од Стокхолм за Нобеловата!

Без грижа за загрижените дека од колумни на спикерот во Службен весник ќе нема простор за акти. Во духот на беззаконието, и апатијата кај народот, ако можеме да си менуваме сами име, можеме да ја менуваме и традицијата. Не само нашата, туку и европската и светската. Со новитет во духот на новата ера.

Законите и сите други акти, наместо во Службен весник, Собранието да ги објавува на Фејсбук. И без дебати за тоа. Може и на приватен профил!

Димитар Грумар