Си била еднаш, една Венецуела… Толку многу различна, а толку слична на Македонија. И таму, некој си Гуаидо да не ти победил на избори, ама некој од „страна“ роварел ли роварел, му дал поддршка и оп, Хуан се самопрогласил за лидер на државата? Ви текнува на некоја слична прикаска, онака, северна? Тие, барем, да ти имале нафта, ама многу. Да, и по Заев, Гуаидо! Секоја венецуелска сличност со настаните во Македонија е случајна. Ама, скроз…

Ајде да си се тешиме, па не сме биле единствени, нели. На 9.101 километар од Скопје се наоѓа Каракас. Толку далечен, а толку близок по „дешавките“ им политички. Нејсе што има повеќе жители од целата ни мила Макеоднија, т.е. 2.8 милиони.

Да, прикаската со Венецуела е сосема различна, а главниот проблем е што тие, барем, имаат нафта. Многу нафта, најмногу. Според проценките, оваа земја ги има најголемите светски резерви на црно злато, а од друга страна, не е ниту првите 10 произведувачи на истото. Упс, еве ти ја причината за кијаметот венецуелски. А за нашиот? Тешко дека е алшаритот. Ми текна,  па и ние сме ти рекордери, во загаденост сме први во светот. Можеби, поради тоа ни ги прават глупостиве. Па, нека си го носат, човече, слободно. Аха, ете каде лежел зајакот, или, сепак, си седи во фотелја на „Илинденска“ бр.2.

Не спои уште нешто. По САД, кои ја вжештија целата атмосфера во јужноамериканската земја, поддршка на дотичниот Гуаидо, втора му даде една Федерика Могерини, а меѓу првите земји кои го признаа е токму Албанија?! Кај нас, прв по пучот собраниски, само пола час по него, се јави Бејли (не Трамп, што е право), а следуваа Могерини  и Хан. Па Еди, нели.

Следно, за „ако буде бал, нек буде маскенбал“, очекуваме Еди Драма да излезе и онака, во свој манир, гласно да проговори за обесправените, тлачени Европејци во Венецуела (21 насто од населението?!), па тие сложно, среде Тирана, да потпишат една Европејска платформа. Нејсе, што нивната бројка е барем и статистички докажана со веродостоен попис во Венецуела, земја каде и покрај долгогодишната ситуација на раб на пукање, овој процес не е баук и табу-тема.

Што е право, Зоки во 2017-та, кога и дојде на власт, по намештаљката на 27 април, имаше цели 42 години, а Гуаидо има „само“ 35 годинки. Оваа 7 годишна дискрепанца, најверојатно, е и најголемата разлика меѓу двајцата. Да не ве буни што Гуаидо сака да стане и да се самопрогласи за „прецедник“, Венецуела има претседателски систем, за разлика од нашиот парламентарен, каде  парламентот ни, демек, е главен и избира и менува Влада.

Гуаидо, барем , е пофер, па благодарение на поддршката од „страна“ јавно не го почитува парламентот и мнозинството во него. За разлика од нашиве владетели, кои неуставно и неделовнички, без потребен број пратеници, си го изгласаа Таљо за прецедник на Собранието. Ко ќе видиш, исто ти се фаќа.

И тој Хуан, пак, исто ко нашиот, сосема случајно да ти произлегува од скутот на најпознатиот венецуелски опозициски лидер Леополдо Лопез, кој бил негов ментор. Нешто, ко нашиот БЦ на Зокија.

Најголема разлика, сепак,е тоа што кога Хуан Гуаидо ќе каже дека е Венецуелец, никој не го спори истото, ниту изгледа така фејк како кога Зоки ќе рече дека е Македонец. На нашиов, тоа едноставно, не му прилега, ама ич.

Да се разбереме, никој за Македонија (во нејзините последни денови како таква, а и во идна, макар била Северна, но не за долго) не ги посакува настаните што можат да произлезат од пучот во Венецуела. Таа паралела е сосема друга прикаска. Да не им текне на билмезите, фер.

Сепак, за крај, да споменеме уште една случајност. Хуан, како и Зоки наш, сака да го смени Николас, ама Мадуро, нели?!

Да му се сневиди, барем нафта да имавме, па да имаше логика ова нашево. Таксират…