Во државава ни владее епидемија на неспособност, која што од ден во ден е сé повидлива. Можеме ние да се лажеме и да си веруваме дека сега откако го сменивме името ќе биде подобро, но да бидеме реални тешко дека тоа ќе се случи со „капацитетиве“ што ни ја водат државава.

Како пример ќе ги земам морбилите, цел месец се бориме со епидемијата за која што провејува тука и таму по некоја вест, веројатно за да не ги доиспаничат родителите кои и онака се распаметени од целава ситуација, почнувајќи од тоа дали да ги вакцинираат или да не ги вакцинираат своите најмили, па откако ќе одлучат дека треба да ги вакцинираат, да излезе вест дека вакцините биле со поминат рок, ама не бил рокот поминат туку декларацијата била згрешена и иако вакцините биле со рок сепак се уништуваат?

Е па оваа морбили ситуација ја претставува реалната слика на македонското општество раководено од можеби најнеспособната влада до сега. Морбили имаме и во образованието, и во економијата, и во безбедноста, и во правосудството… списокот е прилично долг и не сум баш сигурна дека постои сегмент од општествово што не е заразен.

Справувањето со проблемите е чист надреализам на кој и Салвадор Дали би му позавидел. Освен на филм од Кустурица не може на друго место да се види справување со загадениот воздух на начин што го продолжуваш зимскиот распуст за два дена.

За да не бидам многу малициозна и да ги ставам сите функционери во истиот кош, еве ќе ѝ оддадам признание на минстерката за одбрана и потенцијалниот врховен командант на македонската армија која што спроведе успешна набавка на чизми за војниците, госпоѓата Радмила Шеќеринска. Не е мала работа во рок од две години да набавиш гуми за возилата на АРМ, а сега и чизми.  Секако дека тоа бара и свечен пречек и фанфари за кои ќе се зборува два дена во медиумите. Е сега со вака опремена армија има да згазиме во НАТО и да бидеме меѓу најспремните членки во алијансата.

Исто покрај нејзините успеси не треба да ги заборавиме и успесите на нејзиниот колега Оливер Спасовски на кој не му побегнал само оној кој што не се обидел, а за цветањето на криминалот и рекетот нема ни да зборувам затоа што делата сами зборуваат.

Тука негде е и премиерот кој сега откако може да здивне од преговорите за името, ќе ги донесе џиновите Google и Facebook, па економијата ќе ни пркне и нема да има потреба да ги оданочуваат пазарџиите со екстра давачки.

Да резимирам, општеството ни е болно и тоа сериозно, и ако сакаме да се спасиме и да го зачуваме она малку здраво ткиво кое ни останало тогаш потребен ни е лек, а лекот се избори и тоа час поскоро, избори на кои ќе се поздравиме со капацитетиве и ќе им порачаме никогаш повеќе вакво владеење.

Мартина Антиќ