Бранот не запира. Уште ќе придоаѓаат странци. Корејците се зафатени со помирување, инаку сигурно и тие ќе дојдеа да ни помагаат да се приразделиме. На Македонци и Северни!

Димитар Грумар

Само уште малку ни фали апсурдот да го доведеме до совршенство. Сосема малку. За конец сме до совршенството. Но, септември има уште десетина дена за да го постигнеме и тоа. Од Македонија да направиме уникатна карикатура.

За тоа, сполај му на светов, особено на најмоќните, целосно не поддржуваат. Во нашава држава, за нецел месец дојдоа толку претседатели, канцелари, вицеканцелари, секретари… И видовме министри, премиери и репризи колку што не сме виделе откако постои државава. Еден ден, тоа е сигурно, и Трамп ќе жали што не нашол малку време и тој да дојде. И да научи како со палка, и тоа само со една, се весла во НАТО и во ЕУ.

Барем во тој поглед, сегашна Македонија, односно идна Северна, има обезбедно доволно посети на државници, сосе принцови кои го одликуваат веслачот со палка, за наредниве половина век. Речиси и за цело столетие. Од сега натаму ниту еден странец да не стапне веќе во земјава, ние ќе имаме доволно резерви од нивни посети, направени само овој месец, и до две илјади и стота.

Плус, бранот не запира. Уште ќе придоаѓаат во наредниве денови. Корејците се зафатени со меѓусебното помирување, инаку сигурно и тие ќе дојдеа на помош да се приразделиме на Македонци и на Северни. Што би рекла секоја баба во земјава: Родна година, дал Господ странски гости!

Но, сепак, апсурдот најмногу си е наш. Странците имаат големи заслуги за тоа, ама, сепак, најзаслужни за карикатурата сме си сами Македонците. Сигурно и странците помогнаа од судството да се направи политичка карикатура, но ние сами сме си најзаслужни за неа. Последна потврда за тоа ни е Уставниот суд. Што би рекле шарениве сваровски Уставен. Но, тој е само последна потврда, а не и единствена.

А кајчето продолжува да весла. Со една палка. Но, доволно и само со една, и само овој месец, да се извеслаат со повисоки плати вработени во буџетските установи, за да помогнат во усовршувањето на карикатурата. Високи субвенции не само за земјоделците, туку и за тие што знаат да речат плуг или бразда!

И пензионерите не се заборавени. Ним, бидејќи се постари, и немаат изострен вид и слух, преку билборди и бомбастични спотови им се на располагање: бесплатно здравство во ЕУ, а за внучињата најквалитетни вакцини. За ич пари.

А за младите, за да не бегаат во странство, извеслани се стотици илјади евра државни стипендии. Теоретски за сите, а практично за синот на прилепскиот пратеник, за ќерката на скопскиот министер за капитулантски договори, за синот на… Е, па така се прави совршена карикатура од држава. Треба машки да се запне и да се лапне, не само тендер туку и државна стипендија.

Неправда е да не се спомнат заслугите, за нашава карикатура од држава, на нејзиниот пропаганден крем. Кремците во моментов веднаш ќе проценат колку рубљи (не) вреди овој текст. Нивната голема заслуга за нашава карикатурална Македонија е тоа што арчат долари и евра за да обезвреднуваат, во рубљи, се што не е во согласност со нивната пропагандна задача, за која се скапо платени. Со странска валута во денарска противредност.

Е, ај за крај, да не биде со излитената „цреша на врвот од шлагот“, нека биде со „чоколаден прелив на сладоледот“: Тие што пичат со едно весло, или со една палка, во ЕУ и во НАТО, со транспарент на кајчето за „европска Македонија“,  како змија нозете го кријат вистинскиот „за Северна Македонија“. Е, тие толку се залауфаа, па не ќе можат да застанат и ќе не превеслаат и отаде ЕУ. Тие овој месец извеслаа дури триста отсто зголемување на социјалната помош!

И конечно апсурдот за Северна е совршен! Северниве мозоци, токму сега пред референдум, смислија да исплаќаат социјална помош која е повисока од платите на десетици илјади сегашни Македонци или идни Северномакедонци. Ако тоа се има предвид во нашава совршена карикатура, прашање е: На колку граѓани на Северна Македонија ќе им биде поисплатливо цел месец да црнчат во разни конфекции, текстилни и други фабрики, при толкава северномакедонска социјална помош од искарикираната социјална држава?

Сепак, надежта последна умира, дури и при ветено целосно бесплатно здравство во ЕУ. Има надеж за спас и од ова рајско веслачко дарување. И тоа токму од тие што не се со кратко паметење и ги паметат: „на 15 септември“, „просечна плата од 500 евра“, „100.000 денари за лекарите“ итн. Тие можеби ќе ја спасат сиромашна Македонија од изобилството на Северномакедонците!

Освен ако неделава од Северна Кореја не дојде и Ким Јонг Ун. За да не убеди дека нему Северна му се допаѓа повеќе отколку и на Хан. И дека сите Македонци без Северна ќе испоизумреме по патот кон бесплатното здравство во ЕУ што го гледаат само веслачиве со една палка.