По дебаклот во Брисел, во споредба со кој катастрофата на Титаник при која некои патници сепак преживеале, е обична несреќа, Македонија сега ќе се сврти кон следната цел. А таа, сликовито може да се опише со следната ситуација: за да добие покана за НАТО, треба да го фалсификува референдумот, бидејќи како што рече хер Столтенберг (се извинувам, немам поим како е хер на норвешки), прво треба успешен рефендум, па после покана. А, откако ќе го фалсификува референдумот, Македонија ќе им даде уште еден доказ на НАТО и ЕУ дека не е правна држава. И, на првата кривина, истиот тој фалсификат за кој Заев добил амин да го направи, може да му стане пречка. А, првата кривина може да се вика Кирјакос Мицотакис или било кој европски политичар кој наутро криво… станал.
Отприлика, тоа е неверојатниот колапс во кој не вовлекоа „Заев енд компани“ и со почетокот на разговорите за членство во ЕУ, за што вчера добивме таков шамар, што брановите од ударот се уште ни се удираат од едната страна на главата, па се враќаат кон другата и обратно. И при тоа не произведуваат звук од Моцарт. Напротив.
Инаку, во овие месеци обично се вели дека Заев го продал името. Сега се гледа дека тој не го ни продал, туку го дал за бадијала. Како што за бадијала не стори Бугари по корен и како што за бадијала ќе ја федерализира Македонија. Речиси е неверојатно дека Северна Македонија доби ратификација во Собранието, а за тоа, за возврат, добивме четири услови од ЕУ. Не дека тоа не можеше да се предвиди, не дека во реалноста не е така и дека условите се измислени, посебно што е јасно дека во оваа измината година и тоа што беше добро од претходната влада е уништено. Но, можеме да бидеме сигурни дека дури и во првите години на деведесетите, со старите Мицотакис и Караманлис во Грција и со стариот комунистички систем во пракса во Македонија, ако се решевме на ваков чекор, ќе поминевме подобро во трговијата од сега.
И овој колапс не се покрива со прилично недоветни соопштенија на Владата, со смешни пораки на Заев преку ФБ или со „червената пропаганда“ на нивните новинарски гавази во која кријат дека всушност не сме добиле покана. Да сакаа, вакви успеси Грујо и Бранко, Иванов, Трајковски и Глигоров, можеа да ги собираат како сликички за Светското првенство во Русија и да имаат дузина дупликати. Но, можеме да ги разбереме Заевци, и оние кои си гледаат во врвките од чевлите кога ни велат дека сме добиле покана и оние кои не го прават тоа: мораат да лажат. Да си ги спасуваат кариерите, да ги оправдуваат парите што ги зеле за сите дебилности во овие години.
Да бидат на ниво на Амди Бајрам и Артан Груби заедно, да бидат мизерни и бедни и да се обидуваат во својата бедотија, во својата мизерија и недијагностициран климакс кој им трае од 2014 година, да не вовлечат сите нас. Сите да бидеме ќорави, глуви, со фатена уста, со исчашени раци и нозе, сите да бидеме со празен череп од кој мозокот одамна изгнил, а сега служи само за ставање свеќа при некоја од оние сеанси за паранормално. Па и тогаш, прашање е дали ќе поверуваме во големиот успех кој Владата го постигнала. Оти да дадеш на тацна цел еден народ, да ја доведеш во прашање државата, да и го отвориш патот за расцеп кој може да биде само со крв до колена, а за тоа да добиеш четири услови, е тоа е нешто што и лудиот и полудиот и најлудиот би се обиделе да го сокријат, да го оправдаат, да го релативизираат или, обратно, храбро да му го кажат на народот в очи. Но, не и да се фалат лажејќи го.
А, условите, рака на срце, оваа Влада ниту може, ниту е способна, а веројатно ниту сака, ниту има намера да ги исполни. Зашто во оваа година, ако ништо друго барем ќе ги поставеше трасите за да ги исправи недостатоците од претходно. Наместо тоа, наместо скопските бараки од земјотресите во овие 20 и кусур години кои тргнавме да ги санираме, но кои од 2014 година почнаа да пропуштаат од сите страни, сега не добивме модерни куќи, туку купишта даски од кои излегуваат бубашваби и лебарки кои се придружуваат на нивните колонии во Клиничкиот центар и патем ни се потсмеваат: Северни, кршете глава!