Дарко ЈАНЕВСКИ
Средина на октомври е, а млаки зраци од Сонцето паѓаат врз излогот на маалското гранапче. Сокриен од него, седам на пивска гајба, потпрен на стаклото од продавницата. Пред мене ракија и, на бела распослана хартија, мезе од пресечен „пластичен“ домат на четири, малку сол и парчиња од славната „посебна“ салама. Онаа што нашите олигарси и политичари не ја даваат ни на своите миленичиња, оти била штетна, оставајќи да ја има повеќе за рајата.
Не дека не можам да ставам шунка на хартијата, ама оваа сегашнава, откако поскапе, нешто накиселува. Ем поскапа, ем покисела, што навистина ми е чудно. А, можеби и не е толку чудно. Но, додека во мислите развивам филозофски теории за правопропорционалноста меѓу цената и киселоста на шунката, „посебнава“ баш ми годи со домашната ракија на чичко Перо, која, со секоја голтка, како што Ремарк запишал за нектарот од едно старо шише со „калвадос“, не лизга во желудникот, туку оди директно зад очите.
Ова гранапчиско уживање не си го дозволувам често. Само кога имам нешто за славење. А овој пат, богами, навистина има што да се слави. Ете, само што слушнав дека и нашиот сакан премиер Таче, учествувал во преговорите со Бугарија и дека му било многу тешко, дека се чувствувал како кама да му го распорува стомакот, ама ете, тие како грижливи водачи на стадото овци, морале да донесе тешка одлука за убавата иднина на нашите деца.
Што ме прави среќен. Ете, имало некој што се грижел за иднината на сите, што значи и за иднината на моите деца. Затоа и можам да ги испружам нозете седнат врз гајбата и да се потпрам на ѕидот од продавницата, да не мислам на ништо и да пијам на раат, поздравувајќи се повремено со муштериите кои влегуваат и излегуваат. Најголем дел од нив не ни чуле дека некој друг веќе се грижи за иднината на нивните деца, за тоа дали ќе завршат училиште, што ќе јадат, што ќе облечат, како ќе се згреат зимава, дали им прокиснува кровот, дали ќе имаат пари да им купат некоја книга, да ги однесат на театар, а за некој месец и на зимување…
Но, тоа ти е прост народ – не знае дека ништо од тоа не било негова грижа, туку на нашиот, од милост наречен Таче, па лицата им се загрижени, „скиснати“, збрчкани од грижи и недостаток на надеж дека ако не утре, барем задутре или барем ден преку задутре ќе им биде подобро.
Голтнувам од ракијата, ја пробувам „посебната“ и пак се замислувам. Можеби луѓето и не се толку прости и глупави. Ама неверници – секако. Не кон Бога, туку кон Таче. Зашто, тетратката на чичко Перо за должници, заборавена пред многу години, сега пак се отвори. Тоа е „китапот“ на животот во кој влегува судбината на повеќето луѓе од маалото, китап кој дури и во најлошите времиња од пред 15-20 години не сум го видел со толку исполнети страници. Китап со стотина судбини, стотина трагедии на очајни луѓе, кои само до вчера биле барем малку горди на себе, зашто имале надеж дека некој иден ден ќе биде подобро.
А тој ден никако да дојде. И се некако си мислам дека дури и на вечно гладниот Итар Пејо му било подобро. Тој барем можел да го јаде лебот мирисајќи од опојните јадења од гостилницата. А народов денес нема волја дури ни тоа да го направи – да го земе парчето леб и да застане крај некоја гостилница од која се шират опојни мириси – зашто се срами, се срами од себе, се срами од својата судба и својата немоќ, се срами од своите лидери.
И тешко е да му објасниш на тој народ дека има некој кој се жртвува повеќе од него. Дека затоа, додека тој се крепи со леб и сол, нашиот Таче, грижата на душата за нашите деца мора да ја лечи со јатки и со морска храна. Оти, згора на се, не е лесно од Куманово на море, каде децата од мали се научени да јадат морска риба спремена со маслинов зејтин, да дојдеш овде во Скопиа, каде врвен дострел ни се бифтеци, месо од срна или бизон – ако сте министер или ќебапчиња – ако сте „шљакер“. Но, тоа е само плус на жртвата што Таче ја принесува за благодетта на нашите деца и тоа е само уште еден аргумент повеќе да пивнам уште една и да замезам од „посебната“ за негово здравје.
Се разбира, на нашиот народ никогап не можеш се’ да му погодиш. Колку и да се грижиш за него и за неговите деца, секогаш ќе има такви на кои струјата им била скапа, на други дрвата, на трети воздухот им бил загаден, на четврти, петти… проблем им била корупцијата, скапотијата и инфлацијата која официјално е 20-тина отсто, а неофицијално 50-тина, на шести…
Морам да признаам дека и јас не сум сосема спокоен, и јас имам тежина на душата, сеедно што Таче, по теркот на оној пред него од Муртино, Господ да го поживее, децата ми ги згрижи, откако дознав дека на Викторија Лоба парното и било слабо, а плаќала по 5000 денари месечно. Тоа онаа плавуша која ни велеше „ЗА“ на референдумот за Северна, а на која сега она злобно, мало човече Апасиев и порача „името да и ги плаќа сметките“.
Што не е фер. Фер би било, како народен пратнеик кој се грижи за стадото што го избира, макар Лоба не гласала за него, да и купи една секира, па нека „цепи“ дрва малку девојчето. Оние што се по 5000 денари кубик. Колку што знам, тоа не е запишано во Копенхагшките критериуми за членство по ЕУ, но со секирата и дрвата Лоба ќе даде уште еден свој придонес за европска Македонија која го негува здравиот начин на живот и дишењето чист воздух. Поради што повторно морам да пивнам од љутата на чичко Перо. Аааах, добра!
Се разбира, кога е радост, таа никогаш не доаѓа сама. Секогаш е во пар. Па, на сето ова налетав и на тоа како Димитров – викан 40 000 евра за ќеркичето – милно се разбирал со луѓето кога возел и како застанувал на пешачки. И луѓето, види богати, гледале со неверување што им застанал, а тој со раката им покажувал „повелете“. Читам, пијам, и не можам да ги спречам солзите кои, простете, ама сами капат по моите до пред малку ведри образи, кога ја гледаат и читаат таа вселенска и Божја милина собрана во една таква душа. Некој прокоментира дека, како тргнал, нема да биде чудо ако во блиско време Никола наш Димитров и се замонаши. Сонувајќи дека еден ден пак ќе биде мисионер, како што сега тоа е Божјиот пратеник на земјата – Бујар Османи.
Но, јас се занесов и не забележав дека Сонцето полека си заминува. Ја допивам жолтата, го фрлам последното парче „посебна“ на едно маченце што се врти наоколу и станувам. Сакам да се поздравам со чичко Перо, но тој е задлабочен во китапот. На Лоба името можеби ќе и ги плати сметките, ама на овие од тефтерот на чичко Перо? Одговорот го знаете, нели? Ама што е тоа битно. Таче, Османи и Димитров да ни се живи и здрави, да ни ги пораснат и изгледаат децата, па за другото лесно! Ај, на здравје!