Коле Манев

„Јас сум човекот во Северна Македонија кој ќе остане запаметен дека под мое лидерство е сменето името на нашата држава“. Ова се зборвите на Зоран Заев во интервју за грчкиот ТВ канал Алфа.

Браво бе Заев. Сигурно ќе останеш запомнен во историјата дека под твое лидерство го смени името на (твојата Северна) односно нашата земја Република Македонија. Со вакви изјави Заев ме потсеќа на императорот Нерон, кој во потрага по инспирација и повод да остане забележан во историјата, ја запали престолнината на Римската империја Рим. Многу убава инспирација за Заев на таков да влезе во историјата со тоа што во негово лидерство го смени името на земјата.

И не само тоа. Заев како никој друг досега се труди да остане забележан во историјата служејќи се со крајно негативни потфати со кои упорно посакува да ја разнебити земјата со која лидерува. Тој во истото грчко интервју на свој чуден начин ја објаснува историјата и вели:

„Во минатото обидот да се промени и извитопери целата наша историја, со преземањето на светска, балканска и туѓа историја како наша…“ и продолжува со бла-бла-бла и треска нечуени будалаштини. По се изгледа дека Заев кога го зборувал ова, за грчкиот ТВ канал, или не бил добро наспан или не бил со сите.

И додава: „Ние сме словенски Македонци, античките Македонци кои живеат во Грција  се припадници на хеленската култура…“

Откако го знаеме, Заев е наклонет да зборува будалаштини. Тој навистина не знае што кажува и, или е неук или е параноичен или е нешто сосема друго! Зарем не знае дека во Република Македонија живеат повеќе од 150 000 Македонци кои се родени во Егејска Македонија (ете, и јас сум меѓу нив) и по страдањата од Граѓанската војна во Грција бевме принудени да ги напуштиме нашите родни огништа и се распрскаме низ целиот свет. Би сакал да го прашам Заев што сме ние, северни или хеленски Македонци. Дали Заев знае дека само пред триесетина години во Егејска Македонија и во другите делови од нашиот јужен сосед за изговорен збор ,,Македонија“ се одеше во затвор? Мои блиски роднини го имат доживеано таквиот расистички терор. Многу од нив платиле со нивните животи.

Сега Заев пред грчката публика отвора нова историја, неточна и извитоперена до немајкаде. Со вакви квази историски вистини, Заев заликува на Фаустовски верник, кој на срамен начин си ја продава душата на ѓаволот. Приказната за личноста ,,Заев“ почнува на една средба со граѓани од Валандово каде рече: „Кога ќе дојдеме на власт ќе јадеме живи луѓе!“ Во неговото лидерство тој токму тоа го прави, јаде живи луѓе. Потоа следуват криминалите направени во Струмица, кои изнесуват милионски суми на евра, за Црвенковски да го аболицира. Дојде на функцијата премиер, со невиден фалсификат и употреба на нелегални аудио снимки, по што заедно со сега изгубената Катица Јанева продолжија со јадењето. Неговото владеење почнува со недемократскиот начин на избор на претседателот на Собранието, господинот Џафери. Во Берн зборуваше за проширување на рамката, по што дојде законот за јазици. Кога вели дека сме присфојувале туѓа историја, веројатно мисли дека со договорот со Бугарија треба да се сложиме дека Гоце Делчев е Бугарин. Море Заев според твојата историска мисла, нели тие што живеат на територијата на Грција им припаѓаат на хеленската култура? Ако е така, Гоце е роден во Кукуш, сега Килкис и убиен во Баница. Според која логика тој може да биде Бугарин!? Тоа треба да го знае и Пендаровски.

Кога дојде времето за промена на името, тоа е посебна приказна. Јавно се колнеше во дедовци, во прадедовци, во деца и внуци дека нема да посегне по промена на Уставот за промена на името. Наредниот ден заборави што кажал претходниот. За да влеземе во НАТО и ЕУ, треба да го смениме името, така велеше Заев.  Или така зборуваше (Заратустра) Заев. Сега се прашувам дали овој човек знае дека сега засега не сме ниту во НАТО, ниту во ЕУ. Или нека ни каже Заев: За што го сменивме името?

За ова првото не знам, но за второто, за ЕУ, Заев треба да знае дека ниту во октомври нема да има датум за преговори. Зошто нема да има датум? Затоа што во ЕУ, покрај сите слабости кои ги има оваа асоцијација, за среќа во неа делуват и прогресивни сили кои најмалку што посакуваат е кодошења, велепредавства и организиран криминал. Од тоа, некои во ЕУ се добиваат сипаници.

Во владеењето на нашиот ,,Фаустовски“ верник, ни се случи и рекет. Како што се зборува во чаршијата, рекетот се случи со поддршка од СЈО и   славната Катица Јанева си поднесе оставка. Тој е светот на ,,историчарот“ и ,,верникот“ Зоран Заев, во кој за жал сме принудени да живееме. Но не за долго!